Блок 2 на РЕК „Битола“ повторно приклучен на електродистрибутивната мрежа
Блок 2 на РЕК „Битола“ повторно е вклучен во електродистрибутивната мрежа на Република Северна Македонија, откако беше надвор од функција од 18 јуни поради пожар во близина на ормарот за електронско управување.
По интензивни санациски активности и стручни интервенции во изминатите неколку дена, денеска во 18:18 часот беше извршена успешна синхронизација на блокот со националната мрежа. Информацијата ја потврди портпаролката на РЕК „Битола“, Оливера Михајловска.
– По неколкудневните напори за санација на ормарот за електроуправување на Блок 2, кој беше оштетен во пожарот на 18 јуни, денеска по завршување на сите стручни проверки и процедури, Блок 2 успешно е приклучен на мрежата – изјави Михајловска.
Овој чекор претставува значаен напредок во стабилизирањето на домашното производство на електрична енергија, особено во услови кога секој дополнителен мегават е од големо значење за националниот енергетски систем.