ФК Пелистер започна со реорганизација: Марјан Секуловски нов координатор на школата


Фудбалскиот клуб Пелистер ја започна најавената реорганизација со ново раководство во младинската школа, именувајќи го искусниот тренер Марјан Секуловски за координатор на младинските категории. Тој ќе го замени досегашниот координатор Златко Цветановски и ќе биде задолжен за стратегија, развој и организација на една од најплодните школи за фудбалски таленти во Македонија.

На денешната прес-конференција одржана во просториите на клубот, Секуловски го презентираше својот план за работа, при што ја потенцираше важноста на континуитетот, квалитетната едукација и долгoročниот пристап во создавањето фудбалери.

„Не го очекував овој предизвик, но го прифатив. Верувам во континуитет на работа. Ние кои доаѓаме во овој момент мора да дадеме максимални напори работите кои биле на добро ниво да ги подигнеме уште повисоко,“ изјави Секуловски.

Тој подвлече дека главната цел на младинската школа ќе биде создавање на фудбалери, а не резултати по секоја цена.

„Постојат два пристапа: еден што се стреми кон резултати по секоја цена и друг, кој создава фудбалери. Јас школата ја гледам како фабрика за производство на играчи. Тренерите нема да имаат притисок за победи, туку за развој на квалитетни фудбалери што ќе бидат подготвени за сениорската екипа.“

Според новиот координатор, пристапот во школата ќе биде структуриран во две главни категории – една за деца од 6 до 14 години и друга за натпреварувачките категории, со фокус на професионализам и посветеност кај тренерскиот кадар.

„Школата брои 13 екипи. Веќе одржав состаноци со сите тренери, родители и категории. Очекувам извештаи за минатата сезона, по што ќе ги дефинираме кадровските промени. Во натпреварувачките категории ќе инсистирам да работат професионалци, комплетно посветени на децата.“

Покрај кадровската поставеност, Секуловски најави и активности во делот на инфраструктурата и оптималното користење на терените. Според најавите, клубот ќе потпише меморандуми за соработка со сите локални школи и двата женски фудбалски клуба, со цел подобра координација и распределба на термини.

Со назначувањето на Секуловски, ФК Пелистер испраќа јасна порака дека ја гради иднината на цврсти темели, инвестирајќи во младиот фудбалски кадар и стручноста во младинската структура.


1149

Задолжително

Verified by MonsterInsights