Од Битола до Њујорк: Животот на сцена и моќта на емоцијата – Приказната на Тони Наумовски

Во конкуренција на бројни меѓународни филмски уметници, актерот Тони Наумовски, родум од Битола, го доби признанието за Најдобар машки актер на Indie Film Festival Awards во Њујорк, за улогата во филмот „Лена и Владимир“.

Оваа награда претставува врвно признание за неговата извонредна интерпретација и целосна посветеност на улогата, но и потврда за еден континуиран актерски развој кој започнува токму од неговите битолски корени.

Филмот „Лена и Владимир“, независна продукција зад која стои креативен тим предводен од д-р Симран Ахуја (сценаристка и продуцентка), режисерот Шариф Синклер и Мариса Ропер, бележи значаен успех на фестивалската сцена. Сепак, токму настапот на Наумовски беше издвоен од страна на жирито како исклучително автентичен, интензивен и емотивно прецизен.

Актерската кариера на Тони Наумовски е исткаена од посветеност, разновидност и културен мост меѓу неговото македонско наследство и американскиот уметнички контекст. Образованието го стекнува на American Academy of Dramatic Arts во Њујорк, каде што се усовршува во класична и современа глума, со особен акцент на методска техника и интерпретација на Шекспирови текстови.

Во текот на својата кариера, Наумовски има остварено настапи во бројни телевизиски и филмски продукции, меѓу кои се издвојуваат:

  • The Blacklist (NBC)
  • Madam Secretary (CBS)
  • Jessica Jones (Netflix/Marvel)
  • The Americans (FX)
  • Law & Order: SVU

Паралелно, неговата театарска работа го вклучува и во неколку истакнати културни институции, како La MaMa Theatre, The Public Theater и Classical Theatre of Harlem.

Иако со години е дел од американската уметничка сцена, Тони Наумовски никогаш не ја изгубил врската со своето потекло. Во секоја јавна појава, во секое интервју, со искрена гордост ја нагласува својата битолска и македонска припадност.

„Корените се оние што нè држат стабилни, без разлика каде не носи животот. Моето срце останува во Битола,“ – истакнува Наумовски.

Наградата за Најдобар актер не е само професионална потврда, туку и симболично признание за една уметничка филозофија што се темели на искреност, човечка длабочина и културна автентичност.

Признанието што Тони Наумовски го доби во Њујорк не претставува само личен успех, туку и потсетник дека талентот кој се негува со интегритет, дисциплина и љубов кон уметноста може да премине секоја граница. Тоа е и признание за Битола, за Македонија, и за сите оние уметници кои чекорат по сопствен пат, носејќи го со себе гласот на татковината.


1157

Задолжително

Verified by MonsterInsights