Одржана првата седница на новиот борд на директори на ФК Пелистер

Новиот борд на директори на ФК Пелистер денес ја одржа првата седница на управниот одбор, со која раководеше извршниот директор на клубот, Александар Стефановски. Состанокот се одржа во просториите на клубот на стадионот „Петар Милошевски“, а на него присуствуваа членови на управниот и надзорниот одбор, како и претставници на општината и стручниот штаб.

На седницата беа донесени повеќе одлуки од суштинско значење за функционирањето на клубот во наредниот период, со акцент на подготовките за новата сезона и за долгорочната стабилност на ФК Пелистер.

Во рамките на тековното работење, детално беа разгледани и дефинирани обврските на клубот кон доверители, партнери и добавувачи, како и преземените активности за расчистување на заостанатите финансиски обврски од претходната сезона.

Еден од клучните заклучоци на седницата беше проекцијата на буџетот за сезоната 2025/26, кој изнесува околу еден милион евра. Според управниот одбор, средствата ќе бидат наменети за неколку приоритетни сегменти:

стабилизирање на работењето на сениорската екипа и обезбедување континуитет во настапите во Првата македонска фудбалска лига,

унапредување на работата на пионерско-младинската школа, која традиционално претставува база за развој на домашни играчи,

сервисирање на преостанатиот дел од долговите што клубот ги влече од претходните години.

Буџетот на клубот ќе се обезбедува преку неколку извори: учество на единствениот акционер – Општина Битола, средства од спонзорски и маркетинг договори, ваучер-системот на Министерството за спорт, како и донации од Фудбалската федерација на Македонија наменети за развој на младинскиот фудбал.

Како приоритет за спортскиот дел е поставена целта сениорскиот тим да обезбеди целосна стабилизација во секој сегмент – спортски, организациски и финансиски – и да го зачува конкурентниот статус во најсилната лига.

На седницата се разговараше и за плановите за реновирање и модернизација на стадионот „Петар Милошевски“, при што беа донесени заклучоци за координирани активности со Општина Битола и ФФМ. Планираните интервенции треба да ги подобрат условите за тренинг и одигрување натпревари, со фокус на безбедноста и комфорот на публиката.

Покрај инфраструктурните и финансиските теми, клубот и стручниот штаб се во завршна фаза на дефинирање на стратегијата за натпреварувачката сезона 2025/26. Овој план ќе ги опфати сите фази на подготовките, летниот преоден рок и комплетирањето на играчкиот кадар, како и програмата за одбележување на големиот јубилеј – 80 години од основањето на ФК Пелистер, кој ќе се прослави со повеќе пригодни активности, натпревари и манифестации.

Од клубот најавија дека наскоро ќе бидат презентирани дополнителни информации околу засилувањата, активностите на младинските категории и деталната програма за јубилејот, кој се очекува да биде еден од најзначајните настани во поновата историја на битолскиот спорт.


1159

Задолжително

Verified by MonsterInsights