Мицкоски: Не само декларации, туку суштинска поддршка за домашни и странски инвеститори
Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, на прес-конференција најави дека државата ќе обезбеди суштинска, а не само декларативна поддршка за домашните и странските инвеститори преку предвидливи правила, институционална соработка и директна комуникација.
Тој истакна дека се водат активни разговори за нови инвестиции во автомобилската индустрија, ИТ секторот, логистиката и агро-преработката, како и за можни царински олеснувања со САД кои би овозможиле полесен извоз на македонски производи на американскиот пазар.
„Граѓаните сè уште живеат тешко, но верувам дека резултатите ќе дојдат многу побрзо и поопипливо,“ рече Мицкоски, нагласувајќи дека економските промени се темелат и се градат постепено.
Тој посочи дека Владата нема да ветува чуда, туку многу работа за секоја инвестиција, ново работно место и раст на буџетските приходи.
„Ова е времето на реални резултати. Времето на економски патриотизам. Ова е времето кога најдоброто доаѓа,“ заклучи Мицкоски.