Во Пиринска Македонија одржана XI Национална конференција на ОМО Илинден Пирин
На 6 јули 2025 година, во реонот Папаз Чаир на Пирин планина, Пиринска Македонија, се одржа Единаесеттата национална конференција на македонската партија ОМО Илинден Пирин. На конференцијата присуствуваа 50 делегати од цела Пиринска Македонија и внатрешноста на Бугарија, како и гости од македонски организации.
Конференцијата ја отвори претседателот Иван Сингартијски, а беа прифатени извештаите на централните тела на партијата и избрано ново раководство. За копретседатели беа избрани Иван Сингартијски, Ангел Безев, Стојко Стојков, Христо Џупанов и Дамјан Ризаков.
Во усвоената Декларација, делегатите ја осудија политиката на Бугарија за, како што беше истакнато, негирање и дискриминација на македонскиот народ, идентитет и малцинство, како и блокадата на европското членство на Македонија. ОМО Илинден Пирин побара од Европската Унија да преземе мерки за заштита на правата на Македонците во Бугарија и да ги игнорира бугарските условувања во процесот на пристапување на Македонија во ЕУ.
Конференцијата упати повик до бугарските власти да ја прекинат, како што беше оценето, анти-Македонската политика и да го признаат македонското малцинство и неговите права согласно меѓународните стандарди.