Народната банка ја издаде првата лиценца за е-пари – влегува „Paysera“
Народната банка на Република Северна Македонија ја издаде првата лиценца за издавање електронски пари, со што се отвора ново поглавје во дигитализацијата на финансискиот сектор. Лиценцата ја доби „Paysera Macedonia“, локалната подружница на реномираната литванска финтех компанија Paysera, основана во 2004 година.
„Paysera“ денес опслужува над 1 милион клиенти во 180 земји и располага со просечна актива од околу 500 милиони евра, нудејќи дигитални паричници, меѓународни трансфери, онлајн плаќања и решенија за е-трговија.
„Ова се одлични вести за граѓаните и економијата. Ќе понудиме современи, достапни и сигурни дигитални услуги, особено за фриленсери, Airbnb домаќини и мали компании кои работат со странство,“ изјави Башким Зеќири, основач на „Paysera Macedonia“.
Во моментов е во тек техничката интеграција со системите на матичната компанија, а целосното лансирање на услугите се очекува до крајот на 2025 година.
Со оваа лиценца, Северна Македонија се приклучува кон европскиот тренд на раст на финтех решенијата и електронските пари, кои во последната деценија бележат двоцифрен раст на прометот и значајно ја зголемуваат финансиската вклученост.
Прва лиценца за издавање електронски пари во Северна Македонија: „Paysera Macedonia“ доби одобрение од Народната банка