Битолчанката Јана Видановска – студент на генерацијата на ФЕИТ со просек 10 и страст за програмирање и роботика

Битолчанката Јана Видановска е прогласена за студент на генерацијата за академската 2023/2024 година на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Таа ги заврши студиите со највисок можен просек – 10.

Во текот на студирањето, Видановска се истакнала по особена посветеност и интерес за програмирањето, како и преку учество во натпревари по роботика. Посебно значајно искуство за неа било програмирањето и управувањето со роботска рака која детектира форми и бои и изведува прецизни движења.

Високиот академски успех го постигнала преку редовна подготовка уште од почетокот на секој семестар, водење белешки, континуирано решавање задачи и примена на техники на активно учење и самоиспитување. Според нејзиното искуство, овие навики и дисциплина биле клучни за совладување на предизвиците на студиите, особено по предметите каде математиката имала доминантна улога.

Како особено стресен момент го издвојува периодот пред првиот колоквиум по физика, кога размислувала да се откаже од полагање, но поддршката од семејството и помогнала да продолжи. Со текот на времето, развила методи на учење кои го правеле секој следен семестар полесен, не поради помала тежина на материјата, туку поради стекнатата самодоверба и рутина.

Покрај академските обврски, Видановска активно учествувала во организацијата на Робомак 2023 и Робомак 2024 – натпревари по роботика кои, како што вели, претставувале средина полна со позитивна енергија и страст за технологии.

Особено ја фасцинирало создавањето компјутерски игри, како спој на програмирање, визуелна уметност и решавање проблеми. Оваа пасија ја мотивирала и темата на нејзината дипломска работа – развој на компјутерска игра во која самостојно работела на дизајнот, кодот, корисничкиот интерфејс, анимациите и сите детали.

И покрај остварениот успех и висок просек, Видановска не добила понуди за работа од државни или приватни компании во земјава. Единствената понуда што ја добила произлегла од Институтот за компјутерско системско инженерство, автоматика и роботика. По подолг период активна евиденција во Агенцијата за вработување, смета дека академските резултати, иако важни, не се доволни без поддршка од системот и подобра поврзаност на факултетите со пазарот на труд.

Процесот на вработување го поминала самостојно и во изминатите пет месеци работи како софтверски инженер во канадска компанија, соработувајќи од далечина. Смета дека флексибилноста и можноста за работа од различни локации се важен аспект на современите професионални ангажмани.

И покрај тоа што моментно работи за странска компанија, Видановска изразува подготвеност да се ангажира и во македонска фирма, доколку условите и вредностите на работната средина се усогласени со нејзините професионални цели и интереси.

Со својата посветеност и резултати, таа претставува пример за успех кој произлегува од труд, дисциплина и љубов кон технологијата, но и показател за предизвиците со кои младите стручњаци се соочуваат при вклучување на пазарот на труд во Македонија.


1318

Задолжително

Verified by MonsterInsights