Започна Фестивалот на жетвата во Општина Новаци – два дена музика, култура и благодарност за трудот на земјоделците

Со свечено обраќање на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски, и домаќинско добредојде од градоначалникот Стевче Стевановски, вечерва официјално беше отворен традиционалниот Фестивал на жетвата 2025, што се одржува во манастирскиот двор на Рождество на Пресвета Богородица во Новаци.

Министерот Трипуновски го истакна значењето на локалната аграрна култура, трудот на земјоделците и вложувањата кои треба да обезбедат одржливо село и развој на руралната средина. Градоначалникот Стевановски упати благодарност до Министерството за земјоделство за континуираната поддршка, а како гостин на отворањето присуствуваше и градоначалникот на Општина Битола, што е уште еден знак за меѓуопштинска поддршка и регионална соработка.

Фестивалот, кој традиционално се одржува во јули, има за цел да го одбележи крајот на жетварските активности со културна, забавна и едукативна програма наменета за сите генерации.

Програма: Фестивал на жетвата Новаци 2025

Петок, 18 јули

  • 19:00 ч. – Детска програма: „Жешки водени лудории со Заги“
  • 20:00 ч. – Театар Колозов: Детска претстава „Рибарот и златната рипка“ според А.С. Пушкин
  • 20:50 ч. – МГА „Везилка“ Новаци – традиционални ора и танци
  • 21:00 ч. – Свечено отворање на настанот – говор на градоначалникот
  • 21:15 ч. – Игор Димовски со шоуто „Пауза за ракија“
  • 23:00 ч. – Настап на Анета Арсовска и оркестар „Фаворити“

Сабота, 19 јули

  • 19:00 ч. – Детска претстава „Заги се враќа од Америка“
  • 20:00 ч. – Мјузикл за деца: „Пинокио“
  • 21:00 ч. – Свечено затворање и доделување на благодарници и признанија на најуспешни земјоделци
  • 21:30 ч. – Концерт на Наум Петрески
  • 23:00 ч. – Завршна музичка вечер со Борче Наумовски Министерот, Адријана Ацеска и група TWINS

Фестивалот е организиран од Општина Новаци, и оваа година нуди посебен фокус на локалните земјоделци, чиј труд е суштински за економијата и иднината на руралните заедници. Саемските презентации, културната програма и детските содржини го прават фестивалот соодветен за целото семејство и привлечен за посетители од целиот регион.

Организаторите ги покануваат сите љубители на традицијата, музиката и добрата храна да бидат дел од двата фестивалски дена во Новаци – во чест на жетвата, заедништвото и плодноста на македонската земја.


1243

Задолжително

Verified by MonsterInsights