SOS: Луи Витон нè ‘спасува’ со ташна од 10.000 долари
Кога мислевме дека модната авангарда веќе го достигна својот врв, Louis Vuitton повторно ја поместува границата помеѓу уметноста, иронијата и високата мода. Најновото модно парче на брендот е ташна во форма на појас за спасување, која привлекува внимание со својот концепт – и со цената.
Изработена од класичниот LV монограм платно, со кружна форма, патент и прецизно изработени внатрешни прегради, ташната е опремена и со прилагодлив кожен ремен, што овозможува носење преку рамо или околу зглоб. Најсвежиот модел во колекцијата е всушност поиграно пренагласување на луксузот, создадено за оние кои сакаат да бидат забележани.
Цената на ова парче? 8.000 евра (10.000 долари) – и покрај тоа што не нуди вистинска спасувачка функција, таа ве истакнува како модна личност со храброст и стил.
Louis Vuitton продолжува со трендот на модни изненадувања, откако неодамна претстави и „чоколадна“ ташна што навистина можеше да се изеде. Овој нов модел ги предизвикува традиционалните очекувања за тоа што значи моден додаток – и го прави тоа со доза на самосвест и хумор.