Рекордни 520 милиони денари од концесионери за минерални суровини во првите шест месеци од 2025 година
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини соопшти дека во првата половина од 2025 година е остварена рекордна наплата од над 520 милиони денари по основ на надоместоци за експлоатација на минерални суровини. Овој резултат претставува двојно зголемување во споредба со истиот период лани и е историски највисок досега.
Во вториот квартал од 2025 година се наплатени 260.379.123 денари, во споредба со 133.576.534 денари во истиот квартал од 2024 година. Истовремено, во првиот квартал од 2025 година беа наплатени 260.327.223 денари, што е значително повеќе од 110.576.324 денари колку што беа наплатени лани.
„Овие бројки се резултат на засилените мерки што Министерството ги спроведува за зголемување на ефикасноста, транспарентноста и контролата врз концесионерите,“ информираат од институцијата.
Клучни мерки кои го овозможија растот:
- Засилени инспекциски контроли, со зголемен број теренски проверки за утврдување на усогласеност со законските обврски.
- Издавање писмени опомени и санкции, како и иницирање постапки за раскин на договори со концесионери кои не ги исполнуваат обврските.
- Воведување на нов Тарифник, кој стапи на сила на 1 јануари 2025 година, со што се зголемија надоместоците за користење и експлоатација на природните ресурси.
Според новиот Тарифник:
- Надоместокот за користење простор за експлоатација е зголемен за околу 30%.
- Надоместокот за експлоатација на мермер е утврден на 5% од приходот од продадената суровина.
- За метални минерални суровини, надоместокот е зголемен од 2% на 4%.
- За неметалични минерални суровини, просечното зголемување изнесува над 100%.
Важно е да се напомене дека измените не се однесуваат на енергетските минерали, како што е јагленот, со цел да се избегне дополнителен притисок врз цените на електричната енергија.
Позитивни ефекти за општините и за заедницата
Зголемената наплата директно придонесува за зголемување на буџетите на општините во кои работат концесионерите, како и на државниот буџет. Собраните средства се насочуваат кон:
- Проекти за комунална инфраструктура;
- Енергетска транзиција и промоција на одржлив развој;
- Заштита на животната средина.
„Целта на Министерството е да обезбеди одржливо и правично управување со природните ресурси, кое ќе генерира економска корист, а притоа ќе ги штити интересите на локалните заедници,“ додаваат од ресорното министерство.
Министерството најавува дека наплатата би можела дополнително да се зголеми, бидејќи се уште има концесионери кои не ги имаат подмирено своите обврски, а на кои им се испратени официјални опомени.