Со заветот на Илинден: Коњаницата тргна кон Крушево по патеките на славата
Во утрински часови, пред зборното место во Ѓорче Петров, ечеше звукот на тапани и зурли. Мирисот на прашина, пот и слободарски дух исполни сè, додека коњаницата со гордост и достоинство го започна своето патување – по 16-ти пат, по патот на Црешовото топче, кон светото Крушево.
Настанот, кој од година во година станува се посимболичен, ги собра срцата на многумина – граѓани, родољуби, моторџии, млади и стари, сите обединети под сенката на македонските знамиња и заветот на Илинден.
Меѓу присутните беа и градоначалникот на Ѓорче Петров, Александар Стојковски, пратеничката Рашела Мизрахи, како и членовите на мото-клубот „Ноќни Волци“, кои со бучен рокот на моторите дадоа почит и поддршка на коњаниците. Со народни носии, со симболи и со верба во вековната борба за слобода, тие им се приклучија на патот кон Крушево.
Коњаницата оваа година маршира со посебна цел – да го врати вниманието кон македонските уставобранители. Нивната борба, велат организаторите, не е минато, туку денешна вистина – глас против неправдата, симбол на достоинство.
„Овој марш не е само патување – тој е сведоштво за тоа кои сме и за што стоиме. Илинден не е само историја, туку обврска“, истакна еден од коњаниците пред поаѓањето.
Од 31 јули до 2 август, Крушево ќе биде домот на сите оние што ја слават слободата. И коњаницата, како што налага традицијата, ќе пристигне на Мечкин Камен – гордо, тивко и со главата високо крената.