Битола во ритамот на традицијата – започнаа „Илинденските денови“!

Со зурли, тапани, разиграни нозе и многу боја по Широк Сокак, синоќа свечено стартуваше 55. издание на фестивалот „Илинденски денови“. Битола уште еднаш докажа зошто е срцето на македонската култура.

Дефилето „Со песни и игри низ битолските улици“ тргна од Плоштадот Магнолија, па низ омилениот Широк Сокак – со фолклорци од цел свет! Од Хрватска до Мексико, од Полска до Грузија – Битола звучеше и изгледаше како мини свет. И, да бидеме реални – кој не се насмевна кога ги виде боите, носиите и разиграните гости?

По дефилето, пред Офицерскиот дом, следуваше уметничка точка која секогаш „влегува под кожа“ – орото „Комитско“ во изведба на КУД „Илинден“. Нема битолчанец што не се наежи кога ќе го чуе звукот на македонската историја низ чекори, музика и срце.

На отворањето се обрати и градоначалникот Тони Коњановски, кој порача дека културата е „најсилниот глас на Битола – тивка кога треба, гласна кога мора, но секогаш горда и жива“. И додаде:
„Овие денови Битола е сцена на звуци, носии и традиции од целиот свет. Над 70 настани, повеќе од 1300 учесници, 30 ансамбли… и еден голем фолклорен пулс.“

Оваа година, фестивалот е под слоганот „Денес за утре“, со силна порака: традицијата не е за чување во фиока, туку за споделување, негување и гордо носење напред.

Фестивалот продолжува до 31 јули, како дел од „БИТ ФЕСТ“, а програмата е толку богата што буквално секој ден носи нешто ново – концерти, семинари, изложби, настапи на домашни и странски ансамбли, и многу моменти за паметење.


1125

Задолжително

Verified by MonsterInsights