Уреден просторот околу манастирот Св. Петка и Цапарскиот вир – пример за успешна соработка меѓу ЈУНП Пелистер и локалното население
Во пресрет на големиот христијански празник Св. Петка, Јавната Установа Национален Парк Пелистер, во соработка со жителите на село Цапари, спроведе тридневна акција за уредување на просторот околу истоимениот манастир, како и околината на познатиот Цапарски вир, во локалната заедница познат и како Вистински вир.
И покрај високите температури, вработените од Паркот заедно со мештаните вложија значителни напори за уредување, чистење и подобрување на пристапноста до овие важни духовни и природни локации. На овој начин, обезбедени се услови достојни за чествување на празникот, но и за целосно доживување на природната убавина која го опкружува селото Цапари и неговата поширока околина.
Од ЈУНП Пелистер истакнуваат дека ваквите активности се дел од пошироката стратегија за јакнење на соработката со локалното население, со цел заедничка заштита и унапредување на природните ресурси и потенцијали за развој на одржлив туризам во потпелистерскиот регион.
„Цапарскиот вир, или Вистинскиот вир, е атрактивна и лесно достапна локација, која претставува природно богатство од особено значење за посетителите на Националниот парк. Веруваме дека преку соработка и заедничка грижа ќе успееме да го зачуваме неговиот автентичен изглед и да го претвориме во уште попривлечно место за рекреација, едукација и духовен одмор“, се наведува во соопштението на ЈУНП Пелистер.
Воедно, од Управата на Паркот потсетуваат дека забраната за движење во шума и натаму е активна, поради зголемен ризик од пожари, и апелираат до сите посетители навремено да обезбедат дозвола за движење, која може да се добие во седиштето на Националниот парк, во Инфоцентарот или по електронски пат преку официјалната веб-страница или Facebook страната на Паркот.

Дополнително, од Паркот упатуваат апел до сите посетители:
„Вашиот отпад е ваша одговорност – единственото вистинско место за негово одлагање е вашиот сопствен ранец. Природата заслужува да остане чиста за сите идни генерации.“
Во случај на забележано несовесно однесување, граѓаните можат да пријават на следните контакт броеви:
📞 070/281-300, 071/235-972, 075/237-267, 072/312-215.
Со овој заеднички пример на одговорност, солидарност и грижа, ЈУНП Пелистер и жителите на Цапари уште еднаш ја потврдуваат важноста на локалната заедница како активен партнер во заштитата и промоцијата на националното природно и духовно наследство.