Од Трново испратена порака на обединетост и самодоверба за Македонија
На традиционалната семакедонска средба во потпелистерското село Трново, што се одржа по повод големиот празник Илинден, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски порача дека од Трново се испраќа силна порака на обединетост, самодоверба и посветеност за Македонија.
„Не сме овде за да се потсетиме на минатото како на нешто изгубено, туку за да се инспирираме од него. Да ја претвориме жртвата на нашите предци во сила што нè води напред. Денес, од Трново, испраќаме порака дека сме обединети, дека можеме и дека сакаме. Не за да бидеме против некого, туку за да бидеме за себе – за Македонија“, истакна Тошковски.
Говорејќи во дворот на црквата „Успение на Пресвета Богородица“, Тошковски подвлече дека државата не е случајна творба, туку резултат на децениска и вековна борба.
„Секој народ има ден кога не само што слави, туку се собира со крената глава, ја прегрнува татковината и си ветува дека нема да се откаже – ни од коренот, ни од името, ни од честа. За нас Македонците, тој ден е Илинден. Македонија не е географија – таа е чувство, сеќавање и сила што нè поврзува со корените“, рече Тошковски.
Во својот говор, тој подвлече дека љубовта кон државата не е екстремизам, туку доблест, а дека навреда за македонската историја и идентитет се обидите за негирање на македонската самобитност.
„Не е срамно да ја сакаш својата држава – срамно е да ѝ свртиш грб. Не е екстремизам да го чуваш своето – екстремизам е да работиш против него. Денес сме тука да испратиме порака – не постоиме само, туку стоиме исправени, со гордост и одлучност“, нагласи тој.
Поддршка за Македонците во Албанија
На собирот се обрати и Ефтим Митревски од Македонската алијанса за европска интеграција – Единствената македонска партија во Албанија. Тој побара поддршка за правата на Македонците во Албанија.
„Никој не може да ни го одземе македонското име. Се обидоа со сите средства, но не успеаја. Македонците во Албанија ќе останат Македонци – од Гора, Голо Брдо и Преспа, па низ сите градови“, рече Митревски.
Повик за семакедонско обединување
Претседателот на Светскиот македонски конгрес, Тодор Петров, истакна дека основните вредности на македонската цивилизација се мирот и љубовта, и повика на семакедонско обединување.
„Само Македонија е нашиот заеднички именител. Без Македонија – сите ќе исчезнеме. Бараме итно раскинување на договорите со Бугарија и Грција, кои се во спротивност со домашното и меѓународното право“, истакна Петров.
Почит кон Илинден и уметничка програма
Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, заедно со владината делегација предводена од министерот Тошковски и замениците министри Марјан Ристески и Викторија Трајков, ја посетија црквата „Успение на Пресвета Богородица“, каде по повод Илинден богослужеше митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар.
Во уметничкиот дел од настанот настапија членовите на Културно-уметничкото друштво „Гоце Делчев“ од Битола како и младиот уметник Давид Миладинов, кој изведе две внимателно обработени нумери. Настанот беше збогатен со неговата промотивна изведба на песната „Учиме, мајко, карајме“, како и со емоционално набиената интерпретација на патриотската „Послушајте патриоти“. Со овие настапи, Миладинов внесе силен уметнички печат и ја нагласи врската помеѓу традицијата и современиот музички израз.