Се поставува споменикот на војводата Александар Турунџев
Денес од општинскиот двор беше пренесен и поставен на постаментот новиот споменик на познатиот македонски војвода Александар Турунџев. Локацијата е новоизградениот кружен тек кај Ат-пазар, на местото каде што историски бил обесен Турунџев.
Во наредните денови ќе се изведат завршните работи на постаментот, како и хортикултурно уредување на околниот простор. Планот е целиот зафат да биде готов до 30 август, кога ќе се одбележат 120 години од смртта на војводата.
Одлуката за подигнување на споменикот беше донесена уште во 2015 година, а самиот споменик е изработен пред осум години и до сега беше сместен во дворот на Општината. За негово поставување требаше претходно да се изгради кружниот тек.
Со заложбата на градоначалникот Тони Коњановски, кружниот тек кај ветеринарната станица е реализиран, а за три недели просторот ќе биде целосно уреден, со што споменикот конечно ќе добие свое достојно место.
Ехо од историјата
Животот и трагичната судбина на Александар Турунџев останале запаметени и во народното творештво. Во песните пренесувани од генерација на генерација, неговото херојство и предавството што го довело до бесилка се опеани вака:
Црно му било пишано
на Александро Турунџе,
шеснајсгодишен војвода,
на седумнајста го фатија.Го турија во зандани,
во тие тесни долапи,
чифте белегзии на раце,
и дробен синџир на гуша.Телеграм дојде од Стамбол
за Александар Турунџе,
да си ја види невестата
и својте дробни дечиња.Го изведоа на Ат-пазар,
му ја кажаја бесилката,
цела се Битола расплака,
за Александро Турунџе.Бог да убие кодошот,
кодошот Митре Гинката,
што го предаде Турунџе,
тој неустрашен бунтовник.Тој го предаде Турунџе,
за сто и пејсет жолтици,
за сто и пеесет жолтици,
на тие клети душмани.
Александар Турунџев е роден во 1872 година во селото Горно Врбени, Леринско. Во редовите на Тајната македонско-одринска револуционерна организација (ТМОРО) се вклучил многу млад – најнапред како четник, а потоа како војвода.
За време на Илинденското востание со својата чета зел активно учество во борбите кај Леринско, постојано обиколувајќи ги селата во Леринско, Долна Преспа и Битолско. Неговата храброст, ревност и атлетскиот изглед го направиле легенда меѓу македонското население. Со своите другари ги уништувал најголемите насилници и крвници во Леринско, оставајќи страв меѓу оние што се обидувале да станат нови угнетувачи.
По востанието учествувал во обновата на револуционерната мрежа во својот реон и бил член на Леринското горско началство. Кон крајот на 1904 година бил предаден од шпионот Митре Гинков за 150 жолтици, заробен и одведен во битолскиот истражен затвор, каде бил подложен на тешки измачувања.
На 29 август 1905 година турскиот суд во Битола го осудил на смрт. Следниот ден, 30 август 1905, со пранги на рацете и нозете, бил изведен на Ат-пазар пред над 3000 присутни битолчани. На прашањето за неговите последни зборови, гордо извикал: „Македонија ќе биде слободна!“ – и сам го ставил јажето околу вратот.
Денес неговиот гроб се наоѓа на битолските гробишта „Света Недела“, а неговото име останува симбол на непокор, пожртвуваност и љубов кон Македонија.
Приказна за војводата Александар Турунџев – спасителот на едно турско село
Веднаш по Илинденското востание, Александар Турунџев со своите чети дејствувал низ Беломорска Македонија. Деновите биле тешки – селата опустошени, народот исплашен, а на теренот демнеле и грчки банди, и турски аскер, и шпиони од секаков вид.
Еден летен ден, додека четите на Турунџев одморале во сенката на корија, им пристигнала жена Турчинка од блиско турско село. Со солзи во очите му рекла:
– Војводо, грчки банди се спремаат да нè запустат, како овци да нè исколат. Нема кој да нè заштити!
Турунџев внимателно ја погледнал и мирно ѝ рекол:
– Седи си раат, невесто, ништо нема да ви сторат.
А потоа се завртел кон своите луѓе и со остар, но тивок глас им наредил:
– Ајде, браќа, да ги видиме тие „мажи“ што сакаат мирни луѓе да запустат!
Со околу 200 комити од неколку чети, Турунџев направил обрач околу турското село. Кога грчките банди се приближиле, наместо мирни селани, ги пречекале свирежи на куршуми и грмотевици од бомби. Започнала жестока престрелка.
Додека траела борбата, пристигнал и одред од турската регуларна армија. Турските војници, гледајќи дека комитите го бранат турското село, удриле со сета сила врз грчките банди од спротивната страна.
Кога борбата завршила и грчките напаѓачи биле протерани, турскиот командант им пришол на Турунџев и на другите војводи, велејќи:
– Ние ве мислевме за разбојници, а вие спасивте турско село!
Турунџев гордо одговорил:
– Ние немаме ништо против мирниот и чесен турски народ. Ние се бориме за слобода и посакуваме подобар живот за сите што живеат во Македонија.
Во знак на благодарност, турскиот командант наредил на четите да им се подели голема количина оружје и муниција.
Така, војводата Александар Турунџев уште еднаш ја покажал својата чест, својата храброст и својата идеја – дека борбата за Македонија не била омраза, туку стремеж кон слобода за сите.