Херојот што не знаеше за страв – Јордан Пиперката

Јордан Пиперката бил македонски војвода и револуционер, кој целиот свој живот го посветил на борбата против турската власт и на заштитата на македонскиот народ.

Роден е во сиромашно семејство во селото Козица, Кичевско. Татко му Сиљан Пиперковски бил земјоделец и сточар. Поради сиромаштија не можел да го прати на училиште, па го испратил во Битола да учи занает – фурнаџија. Јордан не останал долго таму. Една тепачка со врсници од соседно муслиманско село го натерала да замине во Софија, каде го научил занаетот и почнал да им помага на своите.

Иако работел и заработувал, не можел да ја заборави неправдата и тортурите врз неговите соселани. Влегол во чети, прво со ајдуци, а потоа и со револуционери. Во 1897 година се приклучил на четата на војводата Дуко Тасев – првата чета на ТМОРО во Македонија.

Во 1901 година станал дел од четата на Никола Русински, а набргу потоа бил назначен за демирхисарски војвода. Со своите 60 комити се движел брзо, понекогаш по 60 километри во едно деноноќие, и секогаш бил таму каде што народот имал потреба од заштита. Турците не можеле да го фатат и ширеле приказни дека го чуваат духови.

Во мај 1903 година учествувал на Смилевскиот конгрес, каде се донела одлука за Илинденското востание. Од 2 до 9 август таа година неговата чета водела успешни битки во Демирхисарско и Кичевско.

Судбоносниот ден дошол на 10 август 1903 година. Турската војска запалила и измачувала луѓе во селото Цер. Јордан со својата чета тргнал да помогне, но паднал во заседа помеѓу селата С’лп, Големо и Мало Церско. Следувала тешка борба, а војводата Пиперката загинал заедно со уште тројца востаници.

Веста за неговата смрт се проширила брзо и ги потресла сите. Погребан е во селото Велмевци, во присуство на многу народ кој плачел по својот заштитник и херој.

Јордан Пиперката останал во споменот на македонскиот народ како храбар, снаодлив и близок со луѓето. За него се пеат народни песни и се прераскажуваат легенди, за да не се заборави неговото дело.


1294

Задолжително

Verified by MonsterInsights