СМК ГО ОДБЕЛЕЖА 10 АВГУСТ – СВЕТСКИОТ ДЕН ЗА СЕМАКЕДОНСКО ПОМИРУВАЊЕ И ОБЕДИНУВАЊЕ И ДЕНОТ ЗА СЕЌАВАЊЕ НА ГЕНОЦИДОТ ВРЗ МАКЕДОНСКИОТ НАРОД И 11 АВГУСТ – ДЕНОТ НА СЕМАКЕДОНСКОТО ЗНАМЕ

11 август 2025 година, Скопје, Македонија – Делегација на 35. Генерално собрание на Светскиот Македонски Конгрес кое се одржа вчера на 10 август во Скопје, положи свежо цвеќе на гробот на великанот на македонското револуционерно движење Гоце Делчев во дворот на македонската православна црква “Свети Спас” до Калето.

Панихида за сите знајни и незнајни јунаци и борци за слобода на Македонскиот народ и за државноста на Македонија одржа свештеник на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија со благослов од Неговото Блаженство г.г. Стефан, Архиепископ Охридски и Македонски и на Јустинијана Прва.

Пригодна реч за значењето на 10 август – Светскиот ден на семакедонското помирување и обединување и Денот за сеќавање на геноцидот врз Македонскиот народ и 11 август – Денот на се-македонското знаме, одржа претседателот на Светскиот Македонски Конгес, Тодор Петров чиј говор го пренесуваме во целост.

– Почитувани браќа и сестри Македонци и Македонки, се собравме денес во дворот на македонскиот православен храм “Свети Спас“ до Калето, пред гробот на великанот на македонското револуционерно движење од дваесеттиот век Гоце Делчев, за да го одбележиме 10 август – Светскиот ден на семакедонското помирување и обединување и Ден за сеќавање на геноцидот врз македонскиот народ и 11 август – Денот на се-македонското знаме – шеснаесет-зрачното златно-жолто сонце на црвена основа.

Сведочиме за историјата со пораки за иднината: Повикуваме на единство заради одбрана на името на државата и идентитетот на нацијата, затоа што Македонија е нашиот еден и единствен заеднички именител, Македонија е нашиот еден и единствен заеднички содржател. Со Македонија не’ има, без Македонија сите заедно ќе не снема.

Ве молам, со едноминутно молчење да им оддадеме почит на сите знајни и незнајни јунаци и борци за слобода на Македонскиот народ и за државноста на Македонија од сите буни, востанија и војни за Македонија, за загинатите припадници на Југословенската Народна Армија од Македонија кои загинаа во Словенија и Хрватска при распаѓањето на поранешна СФР Југославија во 1990 година, за загинатите припадници на Вооружените сили на Македонија кои загинаа во војната 2001 година и во антитерористичката акција во Куманово на 9 мај 2015 година. Слава им…

Почитувани браќа и сестри Македонци и Македонки, со руско-турскиот мировен договор од 3 март 1878 година во Сан Стефано во близината на Цариград, со Берлинскиот Конгрес од 13 јуни до 13 јули 1878 година, со Лондонската Мировна конференција во 1913 година, со Букурешкиот договор од 28 јули до 10 август 1913 година, со Париската мировна конференција од 1919 година во Версај на која се потврдија одлуките од Букурешкиот договор што се однесуваа за Македонија (иако Струмица и струмичко и’ се одзедоа на Бугарија и и’ се придодадоа на Србија, Кралството на Србите, Хрватите и Словенците со цел да се задоволат српскиот премиер Пашиќ и грчкиот премиер Венизелос чии држави беа сојузници на победничките сили на Антантата во Првата Светска Војна), со Нејската Конвенција за заемно преселување на населението склучена помеѓу Бугарија и Грција од 27 ноември 1919 година, и со Лозанската Конвенција за заемно преселување на населението склучена помеѓу Турција и Грција од 30 јануари 1923 година, разбиена е гео-политичката, етничката и економската целина на еден од најстарите народи во Европа и во светот – Македонскиот народ, поделена и окупирана беше Македонија! Со Букурешкиот договор од 10 август 1913 година, започнува етничко чистење и геноцид врз Македонците во сите окупирани делови од Македонија, тој се’ уште трае до денес…

На 10 август 1913 година, во Букурешт, Романија, завојуваните страни во Првата и Втората Балканска војна 1912-1913 година, потпишаа договор, познат како Букурешки мировен договор, со кој се санкционира поделбата на Македонија и Македонскиот народ пoмеѓу Бугарија, Србија и Грција, дел остана и во Албанија.

На Меѓународната конференција во Букурешт од 28 јули до 10 август 1913 година, насилно е поделена и распарчена етно-историската територија на Македонскиот народ меѓу сојузничките земји: Грција приграби и окупира 34.869 км2 – Егејскиот дел од Македонија, Бугарија приграби и окупира 6.729 км2 – Пиринскиот дел од Македонија, Србија приграби и окупира 25.744 км2 – Вардарскиот дел од Македонија, а околу 1.150 км2 останаа под окупација и јурисдикција на Албанија – областите Мала Преспа, Голо Брдо и Гора.

Балканските војни ја сменија гео-политичката и етно-историската карта на Македонија и на Македонскиот народ… Со Балканските војни извршена е окупација врз Македонија и геноцид врз Македонскиот народ кој се’ уште трае! Балканските војни и Првата Светска Војна за Македонците се окупаторски војни, а земјите учеснички во овие војни се окупатори врз Македонија и Македонскиот народ!

И во 21-от век, и Република Грција и Република Бугарија, иако се членки на Европската Унија, не ги признаваат Македонците и Македонскиот народ! Единствени се во агрсијата за негација на Македонија и Македонците по сите основи – негираат име, народ, држава, јазик, култура, историја, граници, територија, Црква!

Во знак на помен и спомен на поделбата, окупацијата врз Македонија и геноцидот врз Македонскиот народ, во знак на вечен помен и спомен на жртвите на Македонскиот народ во Балканските војни 1912-1913 година, Четвртото Собрание на Светскиот Македонски Конгрес за Европа одржано на 25 април 1998 година во Ремшајд, СР Германија и Шестото Генерално Собрание на Светскиот Македонски Конгрес одржано на 8 август 1998 година во Скопје, Македонија, го прогласија 10 август за Светски ден на семакедонското помирување и обединување и за Ден на сеќавање на геноцидот врз Македонскиот народ!

Од Турција и Мала Азија, Атина во Грција досели околу 800.000 инородно население, од кои 612.000 во Егејскиот дел на Македонија на имотите на насилно протераните Македонци. Во 1926 година Атина ги промени оронимите, топонимите и хидронимите во Егејскиот дел на Македонија и имињата и презимињата на Македонците во Грција. Во 1948 година во таканаречената Граѓанска војна во Грција, Атина насилно ги протера децата на Македонците кои заминаа во источно-европските земји, што претставува преседан во светот и човековата историја.

Со Одлуката за репатријација на политичките бегалци од Граѓанската војна 1945-1949 година од 29 декември 1982 година и со Законот 1540/85 за деконфискација и денационализација на имотите на политичките бегалци од Граѓанската војна 1946-1949 година, Атина го забрани враќањето на насилно протераните Македонци во Грција на своите родни огништа и ги лиши од сите граѓански права.

На 1 август годинава 2017, владата на Зоран Заев потпиша договор за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија, кој претставува велепредавство на државата и нацијата. Местово и денот се повод да се присетиме на причините на софискиот неоромантизам кон Македонија и Македонците.

Во 1877 година избувнала војна меѓу Руското Царство и Отоманската Империја. Таа војна трае две години 1877-1878 година и завршува со Мировен договор. На 3 март 1878 година во истанбулското село Сан Стефано, бил потпишан Мировен договор. Овој договор никогаш не се реализирал, а траел само три месеци од неговото потпишување, од 3 март до 13 јуни 1878 година! Со Санстефанскиот мировен договор биле договорени нови граници на Балканот, имено Бугарија ја добила цела Македонија, Одринска Тракија, делови од денешна Србија (Пирот, Врање) и Албанија (Корча) … Денес, тој романтизам, за една историја која и тогаш била само фикција, Бугарите го одбележуваат секоја година. 3 март е прогласен за Бугарски национален празник, како носталгија за пропуштената шанса Македонија да биде дел од Бугарија. Ете затоа за Софија, Македонија е вечна неизживеана бугарска романса… Без Македонија, нема историја за Бугарија.

Незадоволни од новите граници по Руско-Османлиската војна и од содржината на Санстефанскиот мировен договор, а под закана со нова војна, Австро-Унгарија, Британија и Франција свикуваат нова меѓународна конференција, од 13 јуни до 13 јули 1878 година, позната како Берлински Конгрес, одржан во Берлин, под претседателство на германскиот канцелар Ото фон Бизмарк. Руското Царство и Отоманската Империја, исцрпени од претходната меѓусебна војна, го прифатиле неговото одржување. Конгресот извршил ревизија на Санстефанскиот мировен договор со цел да се спречи руското влијание на Балканот, особено излезот на Русија преку Бугарија на Егејското море до Солун и Кавала. Претходно, Русија и Британија на 30 мај 1878 година склучиле Руско-Британски договор, со кој територијата на Бугарија е намалена за трипати од предвидената во Санстефанскиот мировен договор: Било решено Бугарија да се простира на територијата која се наоѓа само северно од Стара Планина.

Со Берлинскиот договор: (1) Македонија и Одринска Тракија биле вратени во владение на Отоманската Империја, (2) Источна Румелија потпаднала под отоманска власт со статус автономна област, (3) Србија, Црна Гора и Романија добиле независност, (4) Бугарија добила статус на вазално кнежевство во рамките на Отоманската Империја, (5) Кипар и’ бил даден на Велика Британија, и (6) Босна и Херцеговина и’ била дадена на Австро-Унгарија … Берлинскиот конгрес ревидирал, односно избришал 18 од 29 члена на Санстефанскиот мировен договор. За жал, незадоволните страни, со време, испровоцирале нови тензии, кои подоцна кулминирале со Балканските војни 1912-1913 година и Првата Светска Војна 1914-1918 година …

Со членот 23 од Берлинскиот договор, Македонија требало да добие свој статут, односно устав, што значи да добие посебен државно-правен статус како оној на Крит, во рамките на Отоманската Империја, со свој гувернер и главен командант, кому била доверена командата на војската во Македонија. Со членот 23 од Берлинскиот договор, Македонија де факто се конституира како автономна област во своите политички и етнички граници во рамките на Отоманската Империја …

Иако Санстефанскиот мировен договор “живеел“ само три месеци на хартија, без практична реализација, тој во Бугарија создал фикција за Голема Бугарија, која иако никогаш не се реализирала, сепак, подоцна била и денес е главен поттикнувач за големобугарските хегемонистички амбиции и нестабилност на Балканот…

Откако било осуетено дека Високата Порта во Цариград ќе обзнани автономија на Македонија, како обврска од членот 23 на Берлинскиот договор, Бугарија, Србија и Грција ја започнуваат Првата Балканска Војна во 1912 година против Отоманската Империја за наводно “ослободување“ на Македонија. Откако ја “ослободиле“, веќе наредната 1913 година, Бугарија, Србија и Грција ја започнуваат Втората Балканска Војна меѓу себе, со вистинската намера, која завршува со Букурешкиот договор од 10 август 1913 година: Поделба на Македонија меѓу Бугарија, Србија и Грција, односно окупација врз Македонија и геноцид врз Македонскиот народ кој се’ уште трае до денес… Иако 3 март е Бугарски национален празник, тој директно атакува врз државноста на Македонија, бидејќи со него Софија прокламира територијални претензии кон Македонија…

Договорот за добрососедството, пријателството и соработката меѓу Бугарија и Македонија, што го склучија Зоран Заев и Бојко Борисов на 1 август 2017 година во Скопје, е обид да воскресне Санстефанска Буагрија чиј дел би била и Македонија.

Покрај Декларацијата за пријателство и соработка склучена на 22 февруари 1999 година меѓу Љубчо Георгиевски и Иван Костов, на Бугарија и’ беше потребен Договор, за да ги санкционира историските санстефански аспирации кон Македонија и Македонскиот народ со заканата, дека ќе вложи вето на поканата до Македонија за членство во НАТО и за отпочнување на пристапните разговори за членство во Европската Унија, доколку Македонија не прифати дека со Бугарија има заедничка историја, како вовед дека Македонците се дел од бугарската нација и почеток на крајот на разговорите за промена на името на државата Македонија со Владата во Атина, со цел демонтажа на македонската нација од етнологија во чиста географија…

Затоа… Се’ додека за Софија Македонците се Бугари, Македонскиот јазик е дијалект на Бугарскиот јазик, а Македонија е дел од Бугарија, Договорот за добрососедство, пријателство и соработка меѓу Република Бугарија и Република Македонија е велепредавство, геноцид и злосторство против човештвото за Македонскиот народ и државата Македонија!

За жал, уште еднаш, Македонија не пати од дефицит на демократија, туку од суфицит на врховизам. А, врховистите се колаборационисти, биле, се и секогаш ќе бидат! Врховизмот не е етничко, туку геополитичко прашање! Врховизмот е сервилност на определена номенклатура која во отсуство на доверба од сопствениот електорат, мандат за власт во Македонија бара од некоја друга и туѓа метропола. Во дваесеттиот век тоа биле Белград, Софија и Атина, во дваесетипрвиот век тоа се Брисел, Стразбур и Вашингтон.

Македонија мора да го надмине врховизмот, тоа историско зло што ни останало во наследство… Ние знаеме што сакаме, ние знаеме кои сме, на ист јазик мислиме и говориме: Нашата држава е Македонија, ние сме Македонци, на Македонскиот јазик говориме! Така било и така ќе остане. Бидете и останете горди и достојни Македонци, и нека Господ Бог не благослови сите нас Македонците каде и да сме и Македонија! Од векови за навек! Македонија вечна од исконот до бескрајот!

Честит 10 август – Денот на семакедонското помирување и обединување и Денот за сеќавање на геноцидот врз Македонскиот народ, честит 11 август – Денот на семакедонското знаме! Догодина живи здрави, повторно заедно. Амин! – рече на крајот претседателот на Светскиот Македонски Конгрес, Тодор Петров.

За време на чествувањето пристигна поголема група турски државјани кои се сликаа за спомен со семакединското знаме на Александар Македонски.


1157

Задолжително

Verified by MonsterInsights