157 години од раѓањето на Петар Поп Арсов – идеолог, револуционер и просветител

На денешен ден, 14 август 2025 година, се навршуваат 157 години од раѓањето на Петар Поп Арсов – една од најзначајните личности во македонската национална историја, револуционер, идеолог, публицист и просветител, кој со својот живот и дело остави длабок и траен печат во борбата за самостојна и независна Македонија.

Роден во 1868 година во селото Богомила, Велешко, Поп Арсов од младост бил насочен кон образование и просвета. Учил во Солун и Белград, а дипломирал филологија на Софискиот универзитет. Во 1893 година, како професор во Солун, заедно со Даме Груев и уште неколкумина македонски интелектуалци, ја основал Македонската револуционерна организација (МРО), чиј прв Устав токму тој го подготвил. По налог на организацијата ја напишал и познатата брошура „Стамболовштината во Македонија и нејзините претставници“, со која ја разобличил бугарската денационализаторска политика во Македонија.

Како еден од основачите и првите членови на Централниот комитет, Поп Арсов својата револуционерна дејност ја извршувал со непоколеблива посветеност. По Виничката афера во 1897 година бил уапсен, осуден на 101 година затвор и испратен на петгодишно заточение во Подрум Кале, Мала Азија. По амнестијата во 1902 година продолжил да ја гради организацијата, а во 1905 бил избран за задграничен претставник на ВМОРО.

Но, Петар Поп Арсов не бил само револуционер, туку и истакнат културно-национален деец. Како основач и уредник на списанието „Лоза“ на Младата македонска книжовна дружина, промовирал македонски фонетски правопис, афирмирајќи го живиот народен јазик како основа за македонскиот литературен јазик. Бил борец за независна македонска црква, за создавање висока педагошка школа во Скопје и за културно и духовно издигнување на Македонците.

Во текот на Балканските војни и Првата светска војна останал доследен на идејата за неделива и самостојна Македонија. Заедно со Димитрија Чуповски настојувал македонското прашање да биде поставено на Мировната конференција во Лондон, нагласувајќи дека „Македонија, ако ја немаше, ќе требаше дипломатијата да ја создаде за доброто на Балканот“.

По војната живеел во Бугарија, каде работел како учител, но никогаш не се откажал од своите идеали. Починал на 1 јануари 1941 година во Софија, останувајќи запаметен како непоколеблив поборник за македонската национална кауза.

Денес, неговото име се споменува со почит, а неговото дело претставува светол пример за непоколеблив патриотизам, интелектуална визија и посветеност на слободата и самобитноста на македонскиот народ.


1359

Задолжително

Verified by MonsterInsights