ОТКРИВАЊЕ НА СПОМЕНИКОТ НА АЛЕКСАНДАР ТУРУНЏЕВ – 120 ГОДИНИ ОД НЕГОВОТО ПОГУБУВАЊЕ

Има имиња што не се запишани само во книгите на историјата – тие се врежани во камен, во срцата и во времето. Едно такво име е Александар (Алексо) Турунџев.

На 30 август 2025 година, Битола ќе ја исправи својата вечна должност и ќе му подари споменик на овој голем македонски војвода. Комитата што чекореше со факелот на вистината, што беше збор–сонце за своето време, ќе добие место меѓу нас, не како сенка од минатото, туку како светлина за иднината.

Повторно ќе се собереме на улиците, во поворка низ градот – од ОУ „Ѓорѓи Сугарев”, преку Плоштадот Магнолија и мостот кај Безистенот, до местото каде што ќе биде поставен споменикот. Ќе чекориме не за да го оживееме минатото, туку за да му дадеме иднина.

Александар Турунџев беше повеќе од борец – беше симбол на храброст, жртва и визија. Неговиот споменик е нашиот завет.


Животопис

Александар (Алексо) Турунџев е роден во 1872 година во селото Горно Врбени, Леринско, во Егејска Македонија. Од најмлади години се вклучил во редовите на ТМОРО, најнапред како четник, а подоцна како војвода. Бил дел од востаничките одреди во Леринско кои се бореле против турскиот аскер.

За време на Илинденското востание со својата чета зел активно учество во борбите кај Леринско. Турунџев редовно ги обиколувал селата во Леринско, како и дел од Долна Преспа и Битолско. Насекаде бил мил гостин, затоа што со своите соборци ги истребувал најголемите насилници и крвници, а неговата храброст внесувала страв кај потенцијалните угнетувачи на народот.

Бил силен маж, атлетски граден, висок, со бујна бушава коса, високо чело и орелски поглед – лик што внесувал почит и доверба меѓу народот.

По задушувањето на востанието, учествувал во обновувањето на револуционерната мрежа во својот реон и бил член на новиот состав на Леринското горско началство.

Кон крајот на 1904 година, во селото Ајтос, Леринско, бил предаден од шпионот Митре Гинков за 150 жолтици. Заробен е и одведен во битолскиот истражен затвор, каде бил изложен на страшни измачувања и држан цела година.

На 29 август 1905 година, турскиот суд во Битола го осудил на смрт. Веќе следниот ден, 30 август (стар стил), пресудата била извршена со јавно бесење на битолскиот Ат-пазар.

Со пранги на рацете и нозете, најпрво бил изложен на плоштадот во Битола. Поворката тргнала од Саат-кулата, крај Безистенот, покрај реката Драгор, па сè до Ат-пазар. Турунџев бил сместен на запрежна кола, а пред него одел телал кој ја читал веста за неговата егзекуција. Кон поворката се приклучиле над 3.000 битолчани.

Според тогашните пишувања во весниците, пред самата бесилка Турунџев извикал кон властите: „Никој од вас нема да преживее!“ – а според другите сведоштва, неговите последни зборови биле: „Македонија ќе биде слободна!“ Со тие зборови, сам си го ставил јажето околу вратот и се обесил, не дозволувајќи им на душманите да ја имаат последната чест.

Неговиот вечен дом се наоѓа на битолските гробишта, позади олтарот на црквата „Света Недела“.

Смртта на Александар Турунџев останала запаметена во народните песни, меѓу кои и во „Црно му било пишано“, како сведоштво за неговата храброст и завет за идните генерации.

Црно му било пишано на Александар Турунџе

Црно му било пишано
на Александро Турунџе,
шеснајсгодишен војвода,
на седумнајста го фатија.

Го турија во зандани,
во тие тесни долапи,
чифте белегзии на раце,
и дробен синџир на гуша.

Телеграм дојде од Стамбол
за Александар Турунџе,
да си ја види невестата
и својте дробни дечиња.

Го изведоа на Ат-пазар,
му ја кажаја бесилката,
цела се Битола расплака,
за Александро Турунџе.

Бог да убие кодошот,
кодошот Митре Гинката,
што го предаде Турунџе,
тој неустрашен бунтовник.

Тој го предаде Турунџе,
за сто и пејсет жолтици,
за сто и пеесет жолтици,
на тие клети душмани.


1405

Задолжително

Verified by MonsterInsights