Битола со величествена свеченост се поклони пред делото на Александар Турунџев
По повод 120 години од погибијата на војводата Александар Турунџев, Општина Битола организираше свечена поворка и комеморација.
Во 19:30 часот, од ОУ „Ѓорѓи Сугарев“, каде некогаш бил затворен војводата, започна поворката во негова чест. Таа се движеше низ плоштадот „Магнолија“, покрај реката Драгор и Ат Пазар, сѐ до местото каде што е поставен споменикот на Турунџев.
Свеченоста беше збогатена со емотивната изведба на македонската химна од Сузана Турунџиева, потомка на војводата, која пред откривањето на споменикот му оддаде симболична чест на својот предок – еден од најголемите македонски борци за слободна Македонија.
Клучен момент на настанот беше свеченото откривање на споменикот на Александар Турунџев, во присуство на потомците на војводата и градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски.
На 30 август 2025 година, со величествена церемонија, Битола и битолчани му оддадоа достојна почит на својот великан, онака како што и доликува на еден светол лик од македонската револуционерна борба.
Заветот продолжува – македонскиот народ никогаш нема да ги заборави своите синови. Тие остануваат во легендите и секогаш ќе нѐ потсетуваат како треба да се сака и брани татковината.





