Еурофарм Пелистер со трофеј по триумф над Вардар 1961
На затворањето на меѓународниот турнир, на кој учествуваа екипи од Србија, Македонија и Црна Гора, „зелено-белите“ од Битола го совладаа големиот ривал Вардар 1961 со 25-23 и со „три од три“ ја освоија титулата за најдобра екипа.
Ова беше втора победа на битолчани против Вардар во летниот подготвителен период, по онаа во Охрид на турнирот „Билјанини Извори“, но и прв освоен трофеј, откако минатата седмица загубија во финалето на Меморијалниот турнир „Крсте Андоновски“.
Финалниот ден, поради големиот пожар во близина на „Борис Трајковски“, беше преместен во салата „Јане Сандански“, но тоа не ги спречи екипите да одиграат уште еден возбудлив натпревар.
Вардарци беа рамноправни само во првите десет минути, по што Еурофарм Пелистер ја презеде иницијативата и почна да гради предност. Во неколку наврати „зелено-белите“ имаа и +5, а на полувреме заминаа со водство од 14-11.
Во продолжението, Вардар 1961 се обидуваше да се врати, но битолчани со дисциплинирана игра повторно се одлепија на пет гола, што беше недостижно за „црвено-црните“. На крајот – триумф за шампионот од Битола со конечни 25-23.
Кај дамите, првото место на турнирот го освои тимот на Будуќност, кој забележа три победи од исто толку натпревари.