Зголемена потрошувачка на вода предизвикува отежнато водоснабдување во делови од Битола

Општина Битола информира дека во текот на изминатите денови се забележува значително зголемување на потрошувачката на сирова вода, што резултира со прекинато или отежнато водоснабдување во неколку делови од градот.

Како што наведуваат од општинската служба за водоснабдување, ситуацијата не се должи на рестрикции или технички дефекти, туку е последица од намалениот капацитет на вода и зголемената потрошувачка, особено во летниот период. Најмногу се погодени високите делови од ниската зона, каде што притисокот на водата е најнизок.

Од надлежните апелираат до станарите на висококатниците да ги користат своите хидрофорски системи, со цел да се обезбеди подобро и постабилно водоснабдување за сите корисници во зградите.

Исто така, се упатува апел до сите граѓани за рационално и совесно користење на водата, со цел да се намали притисокот на системот и да се обезбеди доволен капацитет за сите домаќинства.

Од општината потенцираат дека работат на постојано следење на состојбата и дека ќе известуваат за сите нови информации или промени во водоснабдувањето. Граѓаните се замолуваат за разбирање и соработка додека трае оваа ситуација.


1198

Задолжително

Verified by MonsterInsights