Милионери на платен список: Кој во јули добил над 300.000 евра плата во Македонија?
Во Македонија во јули се исплатени нето-плати во износ од 1 денар до близу 20 милиони денари. Според податоците кои „Блумберг Адрија“ ги доби од Управата за јавни приходи највисоката плата изнесувала 19.935.728 денари (324.158 евра). Во топ три највисоките плати влегуваат и тие од близу 217.000 евра и 170.000 евра.
„Овие износи се евидентирани врз основа на податоците доставени до Управата за јавни приходи преку месечните обрасци за пресметка на плата (МПИН). Станува збор за исплати кои се пријавени од страна на работодавците, согласно законските прописи, и се предмет на оваа анализа“, велат од УЈП за „Блумберг Адрија“.
Најниската плата во јули изнесувала само еден денар иако во земјава согласно Законот за минимална плата не смее да биде исплатена таква сума. Минималецот од март наваму изнесува 24.379 денари.
„Согласно Меморандумот за соработка помеѓу Управата за јавни приходи и Државниот инспекторат за труд, УЈП на месечно ниво го известува Инспекторатот за сите исплати кои се под законски утврдената минимална плата, со цел преземање на понатамошни инспекциски и законски постапки“, ни рекоа од УЈП.
УЈП не открива во кои сектори се исплатуваат највисоките плати
„Блумберг Адрија“ праша во кои сектори во јули се исплатени највисоките плати во земјава, но УЈП за ова прашање не упати во Државниот завод за статистика „кој располага со официјални податоци и методологии за класификација и анализа на платите по сектори“.
Статистичките податоци покажуваат дека најплатени сектори во јуни 2025 година биле информации и комуникации, финансиски дејности и осигурување и рударство.
Најниската просечна плата изнесува околу 32.400 денари и е исплатена во угостителството.
Просечната плата на државно ниво не ја отсликува реалноста
Според Државниот завод за статистика просечната плата на национално ниво за месец јуни годинава изнесува 45.468 денари. Таа, номинално, на годишно ниво пораснала за 8,4 отсто, а реално за 3,8 отсто.
Трендот на раст на просечната плата е континуиран веќе неколку години и таа по неколку пати годишно урива нови рекорди. Сепак, податоците на Управата за јавни приходи за највисоките исплатени плати укажуваат на тоа дека растот на просекот се должи на милионските суми што ги добиваат менаџерите во некои сектори и не се вистински индикатор.
d
„Блумберг Адрија“ веќе пишуваше дека „Евростат“ и другите големи статистички служби пресметуваат медијална плата. Тоа е средна плата и во практика е пониска од просечната плата што ја пресметува македонската статистичка служба.
Менаџерски договори и високи бонуси
Освен високи плати македонските менаџери добиваат и дополнителни исплати врз основа на менаџерските договори. Во нивните годишни извештаи се наведени ваквите исплати.
Третина од работниците земаат плата под 500 евра
Сојузот на синдикатите на Македонија кој се месеци води битка за зголемување на минималната плата на 500 евра неодамна соопшти дека во мај 2025 година од евидентирани 509.960 работници со пресметана и уплатена нето-плата, 374.045 работници или 73,3 отсто од нив примиле плата под просечната плата, а 135.915 работници или 26,7 отсто од работниците примиле плата над просечната плата.
„Загрижува фактот што 169.082 работници, односно една третина или 33,1% од работниците примаат плата под 30.000 денари или под 500 евра. Со одбивањето да се зголеми минималната плата, од страна на Владата, газдите и парламентот се прави директна штета на 169.082 работници и нивните семејства кои ниту со две плати не можат да си дозволат ниту да ги обезбедат најосновните услови за живот за своите семејства согласно вредноста на синдикалната минимална кошница што е загрижувачки“, наведе ССМ.
преземено од Блумберг Адрија