Средба на премиерот Мицкоски со претставници на Wizz Air – најавени нови авиолинии
Премиерот Христијан Мицкоски информира дека денеска остварил средба со делегација на авиокомпанијата Wizz Air. На разговорите биле разгледани можности за продлабочување на соработката, подобрување на услугите за патниците и отворање нови иницијативи во авиосообраќајот.
„Средбата беше одлична прилика за размена на идеи и искуства, со цел да одговориме на потребите на граѓаните и да обезбедиме дополнителен развој во овој сектор“, истакна премиерот во објава на социјалните мрежи.
Истовремено, Владата најави воведување на пет нови авиолинии кои ќе бидат поддржани со државни субвенции. Од 6 април следната година од скопскиот аеродром ќе се воспостават линии кон Наполи и Будимпешта, додека од 28 јуни аеродромот во Охрид ќе биде поврзан со Катовице, Вроцлав и Милано.
Овие нови линии, според вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски и извршниот директор на Wizz Air, Џозеф Варади, кои денеска заеднички ги претставија на прес-конференција, треба да придонесат за подобра поврзаност на земјата со европските дестинации, како и за поттикнување на туризмот и економијата.