Честит Денот на независноста!
На денешен ден, пред 34 години, македонскиот народ излезе на историскиот референдум и со огромно мнозинство ја потврди својата волја за независна и суверена држава – Македонија. Повеќе од 95 проценти од граѓаните кои гласаа на 8 септември 1991 година, ја запишаа новата страница во македонската историја, правејќи ја Република Македонија најмладата европска држава на тој период, со длабоки корени и богата традиција.
Историјата на македонскиот народ е историја на непрекината борба за своја држава и иднина. Од античките времиња, преку средновековните востанија и борбите на комитопулите, Делјан, Војтех и Карпош, па сè до големите востанија во 19 и 20 век – Разловечко, Кресненско, Илинденско, Тиквешко и Охридско – Македонците секогаш ја чувале свеста за слобода и самостојност. Вториот Илинден, преку АСНОМ во 1944 година, ја донесе обновата на македонската држава во рамките на федеративна Југославија, а 1991 година таа државност доби своја полна независност.
На 25 јануари 1991 беше изгласана Декларацијата за сувереност, а само неколку месеци подоцна македонските граѓани преку референдум дадоа јасна порака – сакаат своја, самостојна, независна и демократска Република Македонија. На 17 ноември беше усвоен и новиот Устав, со кој државата се зацврсти како современа република.
Во изминатите три децении, Македонија помина низ многу предизвици – економски ембарга, воени и политички кризи, меѓународни притисоци и домашни поделби. Но, секогаш успеваше да опстои благодарение на истрајноста на народот и љубовта кон татковината. Независноста донесе и многу успеси: во културата, спортот, уметноста, науката и меѓународното претставување, со што Македонија стана препознатлива низ целиот свет.
Денес, 8 Септември не е само датум во календарот. Тој е симбол на државноста, на слободата и на упорната борба на генерации Македонци кои го дале својот живот за татковината.
Нека ни е честит Денот на независноста! Да ја чуваме Македонија, затоа што е чест и привилегија да се живее на оваа древна земја и да се продолжи патот кон иднината со вера, надеж и труд.