Еурофарм Пелистер со триумф над Загреб ја започна сезоната во Лигата на шампиони

Македонскиот ракометен првак Еурофарм Пелистер ја започна новата сезона во Лигата на шампиони со голема победа пред својата публика. Во првото коло од елитното натпреварување, битолскиот клуб вечерва го совлада Загреб со 25:23 (13:12) и ја запиша првата радост во новиот циклус на европските предизвици.

Домашниот тим влезе мотивирано и концентрирано во натпреварот, брзо воспостави контрола и поведе со 8:4, што ја најави успешната вечер во спортската сала во Битола. Првото полувреме мина во доминација на „зелено-белите“, кои успеаја да ја задржат предноста и на одмор заминаа со минимални 13:12.

Гостите од Загреб, сепак, не се предадоа. На почетокот од вториот дел направија серија од 4-0 и дојдоа до водство од 16:14, што внесе неизвесност и драматика во мечот. Но, пелистерци одговорија со сопствена серија, враќајќи го водството и повторно воспоставувајќи контрола над резултатот.

Клучниот момент се случи во завршницата. При резултат 24:23, македонскиот шампион не реализираше два зицера преку Кузмановски и Пешевски, откако гостинскиот голман Анте Грбавац блескаше со одбрани. Сепак, на сцена стапи херојот на вечерта – иранскиот голман Али Хеидарирад, кој прво одбрани удар од Алекс Кавчиќ, а потоа со гол од сопствената половина ја погоди празната мрежа на Загреб, за конечни 25:23.

Најефикасен во редовите на Еурофарм Пелистер беше Дејан Манасков со осум голови, додека кај Загреб се истакна Филип Главаш со седум. Победата ја крена публиката на нозе и претставува силен почеток за битолскиот тим во европската кампања.

Во продолжение следи распоредот на натпреварите на Еурофарм Пелистер во групната фаза од Лигата на шампиони 2025/26:

  • ПСЖ – Еурофарм Пелистер (18 септември)
  • Еурофарм Пелистер – ГОГ (24 септември)
  • Орлен Висла – Еурофарм Пелистер (8 октомври)
  • Еурофарм Пелистер – Барселона (15 октомври)
  • Магдебург – Еурофарм Пелистер (23 октомври)
  • Еурофарм Пелистер – Пик Сегед (12 ноември)
  • Пик Сегед – Еурофарм Пелистер (20 ноември)
  • Еурофарм Пелистер – Магдебург (26 ноември)
  • Загреб – Еурофарм Пелистер (3 декември)
  • Еурофарм Пелистер – Орлен Висла (18 февруари 2026)
  • ГОГ – Еурофарм Пелистер (25 февруари 2026)
  • Еурофарм Пелистер – ПСЖ (4 март 2026)
  • Барселона – Еурофарм Пелистер (11 март 2026)

1169

Задолжително

Verified by MonsterInsights