Завршен концерт „Песни од срцата“ во КИЦ Битола
Културниот информативен центар (КИЦ) Битола го најавува завршниот концерт со кој ќе се заокружи летната културна сезона. Настанот, насловен „Песни од срцата“, ќе се одржи в среда, на 17 септември, со почеток во 20 часот, на големото плато пред Офицерскиот дом во Битола.
Во рамките на концертот, македонската публика ќе има можност да ужива во изведби на врвните оперски уметници Ана и Игор Дурловски, придружувани од Камерениот оркестар „АЈГА“, под диригентска палка на Иван Еминовиќ.
Концертот ќе понуди богата програма од традиционални македонски песни, меѓу кои: „Дејгиди, луди млади години“, „Разболела се Ленка“, „Што да правам, што да чинам“, „Си заљубив едно моме“ и „Пајдушко“.
Организаторите ја покануваат публиката да присуствува на ова музичко доживување, кое ќе ја заокружи летната културна понуда на најдостоинствен начин.
Влезот е слободен.