Први чекори за официјална заштита на македонскиот рубин
Македонскиот рубин, редок минерал кој се наоѓа единствено во Прилеп и Мариово, ќе добие институционална заштита и официјален статус како национално богатство.
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Санја Божиновска информира дека на првиот состанок со Геолошкиот завод и Заводот за индустриска сопственост биле дефинирани конкретните чекори за заштита на рубинот, презентирана е правна анализа за неговото признавање и започнала институционална координација за следните фази на процесот.
„Министерството силно се залага не само за заштита на македонскиот рубин, туку и за вреднување и меѓународна промоција на целото минерално богатство на Македонија, како дел од националниот идентитет и природната гордост на државата,“ изјави Божиновска.
Македонскиот рубин е препознатлив по својата карактеристична малиново-розева боја и претставува единствен примерок од ваков вид во Европа. Според надлежните институции, тој не е само минерална реткост, туку и дел од културното и историското наследство на земјата.