Амбасадорот на Австрија Мартин Памер во Битола – град на конзулите и мост на пријателството

На 17 септември 2025 година, амбасадорот на Република Австрија во Република Македонија, Н.Е. Мартин Памер, престојуваше во работна посета на Битола, каде што оствари повеќе значајни средби со локалните институции и претставници.Во просториите на Општина Битола, амбасадорот Памер се сретна со градоначалникот Тони Коњановски. На средбата се разговараше за можностите за продлабочување на билатералната соработка, поддршка на локални иницијативи, како и споделување на австриските искуства во областа на урбанизмот, одржливиот развој и економскиот напредок.

Амбасадорот го посети и Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, каде што разговараше со ректорот, проф. д-р Игор Неделковски, претседателот на Сенатот, проф. д-р Филип Поповски, и проректорот за меѓународна соработка и наука, проф. д-р Горан Илиќ. Разговорите беа насочени кон унапредување на академската соработка со австриските универзитети, студентска и професорска размена, заеднички истражувачки проекти и меѓународно поврзување.

Во Инфо-центарот на Националниот парк „Пелистер“, амбасадорот се сретна со директорот Иванчо Тошевски, со кого разговараше за заштита на природното наследство, развој на еко-туризам и одржливо управување со заштитените подрачја. Во рамки на посетата, се одржа и средба со Горан Исков, директор на ЕСМ „Молика“, каде беше истакната важноста на соработката во туризмот и развојот на одржливи проекти.

Организатор на посетата на Амбасадорот Памер во Битола беше претседателот на Австриското здружение во Битола, Никола Блајбершник, а посетата ја придружуваше и бизнисменот Игор Божиновски, кој наскоро ќе ја преземе улогата на почесен конзул на Република Австрија во Битола – симболично и практично зацврстувајќи го мостот меѓу двете земји, токму од Битола, градот на конзулите.

Амбасадорот Памер го сумираше својот престој во Битола со следниот коментар:
„Одличен ден во Битола, Градот на конзулите: средби со градоначалникот Тони Коњановски, ректорот Игор Неделковски и неговиот тим, директорот на Националниот парк Пелистер и директорот на хотел ‘Молика’. Голема благодарност до Никола Блајбершник за организацијата и до Игор Божиновски, нашиот идeн почесен конзул, за поддршката. И до сите, особено до Кире Крстески!

Со оваа посета, уште еднаш беше потврдено дека Битола претставува важен мост на пријателство, соработка и визија помеѓу Македонија и Австрија, со перспективи за уште подлабока институционална, академска и економска поврзаност.


1458

Задолжително

Verified by MonsterInsights