„Браќа Манаки“ и Битола една недела во знакот на филмот
По 46-ти пат, Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ ќе ја претвори Битола во светски центар на филмската уметност. Фестивалот, кој важи за најстар во светот посветен на филмската камера, годинава повторно ќе донесе врвни автори и лауреати, проекции на наградувани филмови и богата придружна програма.
Големи имиња на фестивалот
Директорот на фестивалот, Димитрија Доксевски, на денешната прес-конференција истакна дека ова издание е целосно подготвено и исполнето со значајни содржини.
– „Браќа Манаки“ и Битола една недела ќе бидат центар на филмските случувања во светот. Ќе пречекаме великани и оскаровци како Дариус Конџи, Воли Фистер, Семи Капланоглу, кои ќе одржат мастеркласови и ќе се дружат со публиката, рече Доксевски.
Во главната програма ќе се прикажуваат филмови од Кан, Венеција и Берлин, со свеж визуелен јазик и авторска сила што зборува за времето во кое живееме.
Богата програма и многу гости
– „Оваа година имаме голем број акредитирани гости, исклучителен избор на филмови и специјални проекции. Работилниците, предавањата и панелите ќе ги збогатат еминентни автори“, додаде Доксевски.
Фестивалот ја враќа и програмата „Макпоинт“, со фокус на македонската продукција. Проекциите ќе се одржуваат на отворено пред Офицерскиот дом, а студентите ќе имаат можност да ги следат со 50% попуст.
Поддршка од А1 Македонија
Генерален спонзор на фестивалот е А1 Македонија.
– „Од оваа година стоиме зад фестивалот како генерален партнер. Горди сме на оваа соработка и ќе работиме да го подигнеме фестивалот на уште повисоко ниво“, изјави Бранкица Толевска, раководител за бизнис трансформација и корпоративни комуникации во А1 Македонија.
Филмски сон за цела Битола
Организаторите најавуваат седум дена исполнети со филмски магии, дружења и културен живот, што ќе ја претворат Битола во вистинска престолнина на филмската камера.