Вечерва започнува 46. издание на ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола
Битола повторно е во знакот на филмската уметност – вечерва стартува 46. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“.
Свеченото отворање е закажано во 20 часот во Центарот за култура – Битола, а првата проекција е филмот „Мајка“ на режисерката Теона Стругар Митевска. Директор на фотографија е Виржини Сен-Мартан од Белгија, сценограф е Вук Митевски, а прв асистент на режија е Јане Ќортошев. Во главните улоги настапуваат светските актерки Нуми Рапас и Силвија Хукс, заедно со Никола Ристановски, Лабина Митевска и други.
Идејата за филмот се развила пред повеќе од една деценија, кога сестрите Теона и Лабина Митевски работеа на документарецот „Тереза и јас“. Токму тогаш започна соработката со писателот Гоце Смилевски, кој заедно со Теона Митевска и Елма Татарагиќ го потпишува сценариото за „Мајка“. Филмот е инспириран од животот и внатрешните дилеми на Мајка Тереза, низ нејзината борба да ја оствари својата визија и хуманата мисија.
„Мајка“ е копродукција на Македонија, Белгија, Шведска, Данска и Босна и Херцеговина. Поддржан е од Агенцијата за филм на Македонија, програмата „Креативна Европа – МЕДИА“, како и национални и регионални филмски институти од Белгија, Данска, Шведска и Босна и Херцеговина.
Битола веќе го живее фестивалскиот дух. Црвениот килим е поставен пред Центарот за култура, а во градот пристигнаа и првите гости. Со тоа, градот повторно ја добива магијата на фестивалот посветен на пионерите на филмската камера – браќата Манаки.