Оската што недостасува: Патот за Битола е клучен национален приоритет

Додека низ државата никнуваат нови автопати, Пелагонија – историското, економското и културното срце на Македонија – сѐ уште е заробена во сообраќаен хаос стар повеќе од половина век.

„Потребата од брзо, безбедно и модерно патно поврзување на Скопје со Велес, Прилеп и Битола не е само инфраструктурно прашање. Тоа е национална стратегија“, вели Илија Димовски.

Денешниот пат, особено кај Фариш и планинскиот превој Плетвар, е тесно грло кое го гуши сообраќајот. „Патувањето од Скопје до Битола, двата најголеми града во државата, и денес може да трае и до три часа. Ова е апсурд во 21. век“, нагласува Димовски.

Според него, економските и стратешките аргументи за автопатот се неодбивни. „Модерен пат значи повеќе инвестиции, конкурентност, нови работни места и двојно побрз транспорт на стоки. Земјоделски производи, мермер, пиво, кондиторски производи – сè би стигнувало до Скопје и европските пазари со многу помали трошоци.“

Но, патот е и симбол на национална историја. „Пелагонија не е само економија. Таа е национален рбет. Регионот што ја создаде македонската државност, што го носи духот на ВМРО, партизаните и просветата. Игнорирањето на овој пат е непочитување на сопствената историја“, истакнува Димовски.

Новата патна артерија нема да застане во Битола. „Тоа е портата кон Грција, кон Лерин, Воден, Костур. Најбрз излез кон Јонското Море. Од Битола до Игуменица се стигнува за само три часа! Македонија не смее да го пропушти овој стратегиски момент“, предупредува тој.

„Целосното автопатско поврзување од Скопје до Битола не е луксуз. Тоа е најисплатлива инвестиција во иднината на државата, во економски просперитет, демографска стабилност и национален идентитет“, заклучува Илија Димовски, со јасен повик до политичарите: време е за брзи и решителни чекори.


1274

Задолжително

Verified by MonsterInsights