Средба на бизнис заедницата со заменик-министерот Ристески и градоначалникот Коњановски

Во Битола се одржа работна средба со претставници од Регионалната стопанска комора и Комората на занаетчии, на која присуствуваа градоначалникот Тони Коњановски, секретарот на општината Борче Димитровски, заменик-министерот за економија и труд Маријан Ристески, како и пратениците Пеце Милевски и Силвана Ангелевска. Целта беше да се презентираат сите достапни мерки за поддршка на компаниите и занаетчиите.

Заменик-министерот Ристески нагласи дека значителен дел од фирмите во битолскиот регион веќе користат активни мерки од оперативниот план за 2025 година.
„Потребите на стопанството во наредниот период може да донесат и дополнителни подобрувања на мерките преку министерството и Владата. Само за мерката самовработување има над 200 апликации. Големо значење за развојот ќе имаат инфраструктурните проекти и железничкото поврзување“, истакна тој.

Градоначалникот Тони Коњановски посочи дека Битола обезбедува поволни услови за инвеститорите.
„Имаме одлична соработка со Регионалната стопанска комора, што се гледа и во растечкиот интерес за Индустриската зона ‘Жабени’. Секогаш сме отворени за поддршка на стопанствениците, а придобивките од Унгарскиот кредит ќе имаат значаен ефект и врз инфраструктурата и врз локалниот бизнис сектор“, изјави Коњановски.

Претседателот на Регионалната стопанска комора, Мирко Велковски, истакна дека пелагониската бизнис заедница бележи раст од околу 5% во текот на годинава.
„Над 60 компании користат од Унгарскиот кредит, а дел од нив преминуваат кон зелена енергија. Се отвораат нови можности преку кредитни линии и грантови и се очекуваат големи придобивки за целиот регион“, нагласи Велковски.


1189

Задолжително

Verified by MonsterInsights