Почетни активности за изградба на пречистителната станица во Битола
Во Министерството за животна средина и просторно планирање се одржа првиот состанок на Управувачкиот комитет кој ја следи реализацијата на проектот за изградба на пречистителна станица за отпадни води и реконструкција на канализационата мрежа во Битола.
Управувачкиот комитет го сочинуваат претставници од Министерството за животна средина и просторно планирање, општина Битола, Јавното претпријатие „Нискоградба“, Министерството за финансии и Делегацијата на Европската унија.
На состанокот беше презентиран тековниот статус и напредокот на проектот, кој моментално е во фаза на изработка на идеен проект за пречистителната станица. Идејниот проект веќе е доставен од страна на изведувачот до надзорот. Разговарано беше и за предизвиците во наредната фаза, вклучувајќи го изработувањето на основниот проект, организацијата на градилиштето, мобилизацијата, безбедноста на работниците и квалитетот на изведбата.
Следните активности предвидуваат интензивирање на проектирањето и подобра координација меѓу сите засегнати страни.
Проектот е значаен чекор кон подобрување на животната средина, третманот на отпадните води и инфраструктурата во општина Битола.