Креативна акција на учениците од ОУ „Елпида Караманди“ во Зоолошката градина во Битола
Учениците од ОУ „Елпида Караманди“ ја покажаа својата креативност и љубов кон природата преку создавање на прекрасен мурал во Зоолошката градина во Битола.
Градоначалникот Тони Коњановски, директорката на училиштето и дел од наставниот кадар ја посетија градината и заедно со директорот на оваа јавна установа го промовираа новото уметничко катче, создадено од младите битолчани. Под водство на наставничката по ликовно образование, учениците изработија шарен и инспиративен мурал, на кој сите присутни оставија и свои отисоци од раце во боја, симболизирајќи грижа, заедништво и љубов кон животните и природата.
За време на посетата, претставниците на локалната самоуправа, предводени од градоначалникот, разговараа со директорот на Зоолошката градина за тековните активности и идните проекти. Особено внимание беше посветено на двата нови проекти кои ќе се реализираат со поддршка од Унгарскиот кредит преку Владата на Република Северна Македонија: изградба на ново живеалиште за копитари во вредност од 9.634.336 денари и изградба на современ терариум во вредност од 8.994.667 денари.
Овие инвестиции се дел од стратегијата на Општина Битола за подобрување на условите во Зоолошката градина, создавање на современ простор за животните и овозможување поквалитетно, едукативно и забавно искуство за сите посетители.