Една третина од граѓаните позитивно ја оценуваат економската политика на власта

Според најновото истражување на МКД.мк спроведено од агенцијата Маркет Вижн, една третина од граѓаните сметаат дека ВМРО-ДПМНЕ води подобра економска политика од СДСМ, додека само 9,1% ја поддржуваат економската политика на опозицијата.

На прашањето за финансиската состојба на своето домаќинство, 33,8% ја оцениле позитивно, додека 23,5% сметаат дека состојбата е лоша. Поголемиот дел од испитаниците, 39,5%, очекуваат состојбата во земјата да остане непроменета во следните 12 месеци, 31% имаат оптимистички очекувања, а речиси 25% се песимисти.

Интересно е што 36,2% немаат доверба ниту во владејачката партија, ниту во опозицијата кога станува збор за економска политика. Од оние кои имаат доверба, три пати повеќе би ја довериле економската политика на ВМРО-ДПМНЕ отколку на СДСМ.

Две третини од граѓаните ја поддржуваат одлуката на Владата за концесија на нов мобилен оператор, додека за скандалот со прислушувањето, мнозинството кои слушнале за случајот сметаат дека одговорноста е кај опозициските партии СДСМ и ДУИ.

Истражувањето било спроведено од 9 до 21 септември преку CAТI метода – телефонско анкетирање со помош на компјутер, на репрезентативен примерок од 1.200 испитаници, според регион, пол, возраст и етничка припадност.


1246

Задолжително

Verified by MonsterInsights