Пелистер со победа над Динамо Букурешт го прослави 80-годишниот јубилеј

Фудбалскиот клуб Пелистер на најубав можен начин го одбележа големиот јубилеј – 80 години постоење. Во празнична атмосфера на стадионот „Петар Милошевски“ во Битола, „зелено-белите“ славеа со 2-0 против романскиот гигант Динамо Букурешт, во пријателски натпревар кој ќе остане запаметен како симбол на гордоста и традицијата на битолскиот фудбал.

Пред бројната публика, меѓу кои беа и верните навивачи „Чкембари“, кои оваа година слават 40 години од своето основање, Пелистер одигра борбен и мотивиран меч. Првото полувреме помина во израмнета игра, но во вториот дел домашниот тим ја презеде иницијативата и го отвори резултатот во 75. минута, кога романскиот дефанзивец Тоадер несреќно си постигна автогол за водство од 1-0.

Во самата завршница, капитенот Александар Ристевски беше прецизен од белата точка и го постави конечниот резултат 2-0, со што беше заверена славеничката победа.

Оваа вечер беше посебна и по тоа што на клупата дебитираше новиот тренер Милан Стојановски, кој ја започна својата ера со победа, како вистински подарок за јубилејот.

Празничната програма беше збогатена со настапи, честитки и емотивни моменти. Почетниот удар го изведе Власте Мицевски, еден од најстарите живи екс-играчи на Пелистер, кој со 85 години повторно застана на центарот на стадионот и доби овации од публиката.

Навивачката група Чкембари ја искористи вечерта за да се врати на својата матична трибина, таму каде што започна нивната приказна пред четири децении. Со знамиња, факели и песни, тие создадоа сцена достојна за јубилејот на клубот кој е симбол на Битола.

Со оваа победа, Пелистер уште еднаш потсети дека љубовта кон фудбалот во Битола не избледува — таа се пренесува од генерација на генерација, веќе осум децении.


1314

Задолжително

Verified by MonsterInsights