Судењето за пожарот во „Пулс“ почнува на 19 ноември, ќе се суди во затворот Идризово
epaselect epa11969561 Police officers secure the area around the 'Club Pulse' nightclub after a fire, in Kocani, Republic of North Macedonia, 17 March 2025. A fire at a discotheque in Kocani in the early hours of 16 March 2025 claimed the lives of at least 59 people and left over 100 injured, according to initial reports from the Directorate for Protection and Rescue and the Center for Crisis Management. EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI
Главната расправа за кривично правниот – предмет со К.бр. 1872/25 поврзан со несреќата во дискотеката „Пулс“ во Кочани е закажана за 19 – ти ноември 2025 година со почеток во 09:30 часот, во судницата во КПУ Идризово, информираше утрово Кривичниот суд во Скопје преку писмено соопштение.
„ Како што претходно известивме, обвинителниот акт поднесен првично од ОЈО Кочани па со решение на Јавниот обвинител на РСМ, доделен во надлежност на Скопското јавно обвинителство, беше одобрен во целост, а согласно АКМИС – системот, распределен на понатамошно постапување кај судија Диана Груевска Илиевска.“ – се вели во соопштението од Кривичен.
„Дополнително, заради ефикасно и економично постапување, определени се повеќе термини за главна расправа односно 25.11.2025 год., 26.11.2025 год., 2.12.2025 год., 4.12.2025 год., 10.12.2025 год. и 11.12.2025 год, а по отпочнување на расправата ќе се усогласат и дополнителни термини. Поканите до странките се веќе во фаза на достава.
Со оглед на бројот на обвинети и интересот кај медиумите, како суд укажуваме на сите учесници во постапката да бидат присутни во судницата најмалку еден час пред закажаниот термин, заради неопходните безбедносни процедури како и навремено отпочнување со расправата, а сите акредитирани медиуми навреме да ги обезбедат неопходните дозволи за снимање и фотографирање од Врховниот суд на РСМ“ – информираат од Судот.
Ниту еден од обвинетите за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, во која животот го загубија 64 лица, а повеќе од 200 беа повредени, не прифаќа вина за трагедијата, како што се товарат во обвинителниот акт.
Документот има 117 страници, а на 109 од нив се приговорите на обвинетите и нивните адвокати.
За потсетување, со обвинителниот акт се товарат 34 лица, и три фирми, во него е изнесен обемен доказен материјал – над 1.440 докази, а предложени се дури 283 сведоци за сослушување.