ВО БИТОЛА ОДБЕЛЕЖАН 23 ОКТОМВРИ – ДЕНОТ НА МАКЕДОНСКАТА РЕВОЛУЦИОНЕРНА БОРБА
По повод 23 октомври, кој се одбележува како Ден на македонската револуционерна борба, во Битола се одржа свеченост пред споменикот на Даме Груев во дворот на Заводот и музеј. Свежо цвеќе положија градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, членови на Советот на општина Битола, претставници на Сојузот на борци, политички партии и Здружението на ветерани од безбедносните структури.
„На денешен ден пред 132 години во Солун беше основана Македонската револуционерна организација. Денес, со положувањето цвеќе пред споменикот на Даме Груев, оддаваме почит кон основоположниците на македонското револуционерно движење и ја потсетуваме јавноста на организираната борба на македонскиот народ за самостојна држава. Овој ден е потсетник за нашата обврска да продолжиме со напредокот на Македонија. Нека ни е честит 23 октомври, Денот на македонската револуционерна борба“, рече градоначалникот Тони Коњановски.