Милосим Војнески се откажа од изборната трка – Жарко Ристески од ВМРО-ДПМНЕ нов градоначалник на Македонски Брод

Кандидатот за градоначалник на Македонски Брод, Милосим Војнески, кој влезе во вториот круг од локалните избори, објави дека се повлекува од изборната трка. Со неговото повлекување, единствен кандидат кој останува во вториот круг е Жарко Ристески од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, што фактички ѝ обезбедува уште една општина на оваа партија.

Во објава на својата официјална страница на Фејсбук, Војнески им се заблагодари на граѓаните за поддршката и ја образложи својата одлука:

„Ви благодарам од срце за големата поддршка што ми ја укажавте во првиот круг од локалните избори. По бројни разговори со сограѓаните, одлучив да ја повлечам својата кандидатура. Не би сакал дополнително да ги продлабочувам поделбите меѓу луѓето, дури и во рамките на семејствата,“ напиша тој.

Војнески нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ е неговата матична партија и дека најдобрата одлука, во интерес на граѓаните, е да се повлече од натпреварот. „Свесен сум дека оваа моја одлука ќе изненади многумина, но верувам дека е најдоброто нешто што можев да го направам за нашата општина во овој момент,“ додаде тој.

Со оваа одлука, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Жарко Ристески, останува единствен во вториот круг и практично станува нов градоначалник на Македонски Брод.


1529

Задолжително

Verified by MonsterInsights