ОДРЖАН ПРВИОТ БУЏЕТСКИ ФОРУМ – ГРАЃАНИТЕ ГИ ПОСОЧИЈА ПРИОРИТЕТНИТЕ ПРОЕКТИ

Со цел креирање на општинскиот буџет според приоритетите на граѓаните и зголемување на транспарентноста во неговото распределување, денес во Битола се одржа првиот буџетски форум – сесија од вкупно четири што се планирани во рамки на процесот.

Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, во своето обраќање истакна дека ваквиот начин на распределба на буџетот останува еден од приоритетите во работењето на општинската администрација.

„Заедно со вас, граѓаните, реализиравме голем број проекти во изминатите четири години, а така ќе биде и во наредниот период. Вашите идеи повторно ќе најдат место во буџетот, а вашите размислувања се дел од создавањето на заедничката успешна приказна за уште поголем развој на нашата општина“, рече Коњановски.

На форумот присуствуваа раководители од општинската администрација, претставници на месните и урбаните заедници, невладиниот сектор, Битолскиот универзитет, како и бројни граѓани кои активно се вклучија во процесот на креирање на општинскиот буџет.

На денешната прва сесија беа дефинирани програмите во кои на следните две форумски сесии ќе се разработуваат конкретни предлози, за кои учесниците ќе гласаат на последната, четврта сесија.

Со ваквиот модел се овозможува партиципативно и транспарентно учество на граѓаните во креирањето и реализацијата на општинските програми и стратешки планови.


1175

Задолжително

Verified by MonsterInsights