Ендрит Фетаху: Македонците во Албанија мора да имаат еднаков пристап до права и институции

Потпретседателот на Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ) – единствената политичка партија на Македонците во Албанија – Ендрит Фетаху, учествуваше на консултативниот состанок што Мисијата на ОБСЕ во Република Албанија го организираше со претставници на организациите на националните малцинства. Средбата беше посветена на поттикнување на дијалогот, размена на искуства и унапредување на соработката меѓу малцинските заедници и институциите.

Целта на состанокот беше преку отворена дискусија да се идентификуваат клучните предизвици со кои се соочуваат националните малцинства во Албанија, да се пронајдат нови можности за заедничка работа и да се утврдат начини на кои ОБСЕ може да ја засили својата поддршка во насока на еднакви права, инклузивно учество и поефикасна заштита на малцинствата.

Фетаху, во своето излагање, нагласи дека македонската заедница очекува реална примена на законите и политики кои гарантираат еднакви можности за сите. Тој посочи дека е особено важно да се унапреди употребата на македонскиот јазик во јавните институции, да се обезбеди континуитет во образованието на мајчин јазик и да се зачува културниот идентитет преку институционална поддршка.

– Македонците во Албанија не бараат привилегии, туку еднаков третман и вистинска видливост во општеството – истакна Фетаху, додавајќи дека МАЕИ ќе продолжи активно да соработува со ОБСЕ и сите релевантни фактори за унапредување на правата на Македонците и другите малцинства.

На состанокот учествуваа претставници на македонската, влашката, ромската, египетската, црногорската, босанската и српската заедница, кои ги споделија своите искуства, предизвици и приоритети во борбата за подобра застапеност и социјална инклузија.

Присутните оценија дека ваквите консултативни средби придонесуваат за зголемување на довербата меѓу заедниците, зајакнување на институционалната соработка и градење на покохезивно и инклузивно општество во Албанија.


1290

Задолжително

Verified by MonsterInsights