Премиера на документарниот филм „Мојот вујко Стив Наумов“ – инспиративна вечер посветена на херојството и сеќавањето
Во свечена и емотивна атмосфера, вечерва во Кино „Манаки“ се одржа премиерата на долгометражниот документарен филм „Мојот вујко Стив Наумов“, во чест на Денот на ослободувањето на Битола. Настанот го збогатија присуството на градоначалникот Тони Коњановски, бројни граѓани, културни дејци и јавни личности кои со внимание и гордост ја проследија оваа филмска приказна за еден од најславните битолчани.
Филмот е трогателна посвета на животот и делото на народниот херој Стефан Наумов – Стив, кој со својата пожртвуваност и храброст оставил неизбришлива трага во историјата на Македонија. Неговата приказна, пренесена низ интимниот поглед на неговиот внук Стефан Бошков, претседател на Општинската организација на Сојузот на борци – Битола, нè потсетува на вредностите на слободата, хуманоста и љубовта кон татковината.
Документарецот, во продукција на Македонско-турското здружение „Мустафа Кемал Ататурк“ – Битола, е снимен на повеќе локации низ градот и претставува вистинско филмско патување низ времето и спомените.

Авторите Шенол Мемиш и Дејан Младеновиќ истакнаа дека преку овој проект сакаат да го оживеат интересот за документарниот филм и да ја вратат публиката во киното – како простор на заедничко доживување, инспирација и размислување. Тие најавија дека до крајот на годината ќе следуваат уште неколку нови документарни остварувања посветени на значајни личности и настани од македонската историја.
Премиерата на „Мојот вујко Стив Наумов“ претставува силен потсетник дека херојството не избледува со времето – напротив, преку уметноста и сеќавањето продолжува да нè обединува и инспирира.


