ЕК отвори истрага против „Ред Бул“
Европската комисија отвори формална истрага против „Ред Бул“, со цел да испита дали се оправдани сомневањата дека оваа австриска компанија за енергетски пијалаци вршела дејствија за спречување на конкуренцијата, со што ги повредила правилата на ЕУ кои забрануваат користење на доминантна положба на пазарот, потврди денес заменичката главна претставничка за медиуми на ЕУ, Аријана Подеста.
Комисијата има сознанија дека „Ред Бул“ е можно да има развиено стратегија на целокупната Европска економска област за лимитирање на продажбата во продавници и на бензински пумпи на енергетски пијалаци од конкурентските фирми во амбалажи поголеми од 250 милилитри.
Еврокомисијата е загрижена дека „Ред Бул“ е можно да има имплементирано стратегија на антиконкурентски практики со доделување парични и други поттикнувања на трговците, со цел да прекинат со продажба или барем да ги направат помалку забележливи ривалските енергетски пијалаци.
Се претпоставува дека „Ред Бул“ ја употребил оваа стратегија во држави каде има превласт на националниот пазар за дистрибуција на енергетски пијалаци, како што е случајот со Холандија.
Доколку во текот на истрагата таквите сомневања бидат докажани, Комисијата би можела да преземе казнени мерки против „Ред Бул“ за непочитување на регулативите на ЕУ за конкурентност.
Подеста соопшти дека спроведувањето на оваа истрага е „прашање од приоритет“ за Европската комисија, додавајќи дека нејзиното започнување не го прејудицира конечниот исход на постапката.
Член 102 од Договорот за функционирање на ЕУ и член 54 од Договорот за Европската економска област забрануваат злоупотреба на доминантна позиција, што би можела да влијае на трговијата и да ја спречи или да ја ограничи конкуренцијата во рамките на Единствениот пазар.
Имплементацијата на членот 102 е дефинирана во Регулативата 1/2003 на ЕУ, во која член 11 став 6 предвидува можност за отворањето постапка од страна на Комисијата за случаи како овој со однесувањето на „Ред Бул“.
Комисијата нема законски рок за завршување на истрагата, чие времетраење би можело да зависи од повеќе околности, како сложеноста на случајот или степенот на соработка на компанијата засегнатата со постапката.