Рама: Италија може да бара што сака од Албанија и ние ќе кажеме да

На прес-конференција во Рим, заеднички организирана од албанскиот премиер Еди Рама и неговата италијанска колешка Џорџа Мелони, неизбежно беше поставено прашањето за камповите за мигранти во Албанија, каде што требаше да бидат префрлени мигранти од Италија.

На прашање од италијански новинар од РАИ 3, дали жали за договорот за бегалскиот камп, кој веќе две години чека да започне со работа поради Европскиот суд на правдата и италијанскиот суд, премиерот Рама одговори дека кога е во прашање Италија, тој би го повторил истиот договор сто пати, доколку Италија го побара тоа.

Рама потенцираше дека ова важи само за Италија, а не и за други држави. „Италија може да побара од Албанија што сака и ние ќе кажеме да,“ подвлече Рама.

Мелони, пак, договорот за мигранти го опиша како „договор со длабок европски дух“.

„Протоколот што го потпишавме е договор со длабок европски дух, бидејќи го нагласува фактот дека миграцискиот феномен е општ европски феномен и можеме да се соочиме само благодарение на соработката меѓу земјите-членки на ЕУ, но и меѓу нив и другите земји надвор од ЕУ,“ изјави Мелони.

Во пристанишниот град Шенѓин е изграден прифатен центар, а во поранешната воена база Ѓадр е подигнат бегалски камп, каде што 36.000 мигранти годишно требаше да чекаат одговор од италијанските власти за нивните барања за азил.

Во три случаи беа донесени околу 50 мигранти фатени во италијанските води, но веднаш беа вратени назад. Сега објектите се празни.


1045

Задолжително

Verified by MonsterInsights