Почнува амандманската расправа за Предлог-буџетот за 2026
Во парламентарната Комисија за финансирање и буџет денес треба да започне амандманската дебата за Нацрт-буџетот за 2026 година.
Според информациите објавени на интернет страницата на Собранието, доставени се над 100 амандмани.
Вкупните приходи во предложениот буџет за идната година се предвидени на 374,7 милијарди денари, расходите на 413,9 милијарди денари, а капиталните инвестиции на 40,5 милијарди денари или 650 милиони евра.
Стопанскиот раст е проектиран на 3,8 проценти, инфлацијата на 2,5, а буџетскиот дефицит на 3,5 проценти од БДП.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на 28 октомври на прес-конференцијата во Владата кога го презентираше Предлог-буџетот истакна дека со него се опфатени сите клучни политики што ќе се спроведуваат во наредниот период, со јасна цел да се забрза стопанскиот раст и да се постигне постепена фискална консолидација. “Ќе продолжиме со мерки за намалување на сивата економија и зголемување на наплатата на буџетските приходи.”
“Буџетот ќе се темели на реални проекции – приходите ќе се планираат според реалните можности, а расходите ќе бидат насочени кон стратешки приоритети. Ќе продолжи постепената фискална консолидација и дисциплинираното управување со јавните финансии, со цел поголема ефикасност и одговорност во трошењето на буџетските средства. Ќе се намалуваат несуштинските расходи, а поддршката за граѓаните и стопанството ќе се спроведува по јасни критериуми и со засилен мониторинг”, изјави тогаш Димитриска-Кочоска.
Пленарната седница на која ќе се разгледува Предлог-буџетот за 2026 година, според најавите, е планирано да се одржи на 9 декември.