Робот оди три дена без прекин, менувајќи батерии во движење – нов светски рекорд
Роботот AgiBot A2 постави нов светски рекорд откако без гасење помина 106 километри во тридневен марш, соопшти производителот Zhiyuan Robotics.
Хуманоидната машина тргнала од езерото Џинџи во Суџоу и стигнала до Шангај, при што го соборила рекордот на Гинис за „најдолга пешачка рута помината од хуманоиден робот“, пренесува CBS.
Иако батеријата на AgiBot трае само три часа, новиот систем за „жешка“ замена овозможил батериите да се менуваат во движење, без потреба роботот да се исклучи. Од компанијата велат дека A2 успешно совладал различни терени и патишта, строго почитувајќи ги сообраќајните прописи.
Во промотивно видео, роботот самоуверено изјавил дека верува во успехот на предизвикот, а по пристигнувањето во живописниот Северен Бунд во Шангај додал: „Со првите утрински зраци стигнав на целта.“
Партнерот и вицепретседател на Zhiyuan Robotics, Ванг Чуанг, изјави за Interesting Engineering дека подвигот е доказ за стабилноста и доверливоста на технологијата: „Да се пешачи од Суџоу до Шангај е тешко и за многумина луѓе, а роботот успеа да го заврши во еден поход.“
Од компанијата додаваат дека рекордот го поставил ист модел што се произведува сериски, а годинава веќе продале над 1.000 единици од AgiBot A2.
Со оглед на засилената поддршка од кинеската влада за развој на роботиката, ваквите достигнувања се само почеток за AgiBot и за идните хуманоидни платформи.