Во Швајцарија се одржа состанок помеѓу Македонскиот Национален Совет и Амбасадорот Реџеп Демири

На 7 декември во просториите на македонската амбасада во Берн се одржа вториот работен состанок помеѓу Македонскиот Национален Совет и Амбасадорот Реџеп Демири, неговата заменичка Ваљмира Села-Сопа, вработените во македонската амбасада и претставници на 9 друштва кои се дел од МНС.

На состанокот присуствуваа членови на раководството на МНС: Претседателот Илчо Китанов, Заменик претседател Гонца Перунковска, секретар Гордана Павлова-Ѓуриќ, благајник Ердован Етоски и координатор за интеграција Валентина Георгиевска. Присуствуваа претседатели и претставници на девет друштва – членки на МНС и тоа: Организацијата на жените од Македонија во Швајцарија ОЖМ-Ш, МДД “Пирок“, Здружение Изведен Дијаспора Ораовица, МД “Пианец“ Појду, КУД “Св. Наум Охридски“ Тринген, МД “Мак-Мел“ Бургдорф, Хуманитарна организација „Св. Лидија Македонка“, Дијаспора Илинден Радово, МД “Извор“ Муртен. Амбасадорот и вработените беа накратко запознаени со историјата на сите овие друштва, нивната активност, минати и идни проекти.

На оваа средба, од претставниците на друштвата беа потврдени заедничките заклучоци од претходниот состанок на МНС со македонската амбасада: да се надминат проблемите кои доведоа до недоразбирања во изминатиот период и да се отворат вратите за идна соработка и учество во заеднички настани со кои се афирмира македонската дијаспора во Швајцарија.

Договорени се конкретни активности и организирање на заеднички манифестации од областа на културата, бизнисот, како и координиран настап пред швајцарските институции надлежни за иселеништво, со цел максимално да се искористат капацитетите кои ги нуди Швајцарската Конфедерација за интеграција.

Првите проекти кои заеднички ќе се организираат се предвидените “Конзуларни денови“ во Тринген и Локарно, на кои амбасадата ќе ја претстави и ќе ја доближи својата работа пред македонските граѓани.

Конструктивниот состанок заврши со заедничка одлука да се продлабочи соработката на МНС со Амбасадата на повеќе полиња, со цел македонската амбасада во Берн да прерасне во вистински дом на сите македонски граѓани кои живеат и работат во Швајцарија.


1181

Задолжително

Verified by MonsterInsights