Завршен проектот за создавање традиционални носии на малцинствата во Корчанскиот регион
Во просториите на Педагошкиот факултет при Универзитетот „Фан Ноли“ во Корча се одржа завршниот настан на проектот „Создавање традиционални носии на македонското, влашкото и ромското национално малцинство во регионот на Корча“. Проектот претставува значаен чекор во зачувувањето и промовирањето на културното наследство на заедниците што живеат во овој дел од Албанија.
Настанот беше организиран од Македонското друштво „Сонце“ во соработка со Педагошкиот факултет, а со поддршка на Комитетот за национални малцинства на Република Албанија.
Присутни беа ректорот на Универзитетот „Фан С. Ноли“, деканката на Педагошкиот факултет, претседателот на Советот на Округот Корча, градоначалникот на Општина Пустец, заменик-амбасадорката на македонската амбасада во Тирана, раководителот на Одделот за јазик и литература при факултетот, како и претставник на Митрополијата на Корча. Нивното присуство ја потврди институционалната поддршка и интересот за зачувување на културните особености на малцинските заедници.
Во рамки на настанот беше промовирана и информативна брошура посветена на историјата и значењето на традиционалните носии, подготвена од Васил Стерјовски. Брошурата, како што беше истакнато, ќе послужи како важен ресурс за размена на културни информации и зајакнување на меѓусебното разбирање меѓу заедниците.
Завршниот настан привлече бројни претставници на локалната и регионалната власт од Преспа и Корча, како и членови на академската заедница и претставници на македонското, влашкото и ромското национално малцинство од регионот, кои го истакнаа значењето на проектот за зачувување на традицијата и културниот идентитет.